65 проценти од анкетираните жители на Обединетото Кралство сметаат дека даночните обврзници на островот платиле премногу за организирање на Олимписките игри.
Анкетата покажала и дека колку луѓето живеат подалеку од Лондон, помалку веруваат дека нивното место ќе види некакво фајде од Олимпијадата.
Првичните проценки велеа дека трошоците ќе изнесуваат околу 5 милијарди долари. Последните пресметки се движат на околу 15 милијарди. Притоа, премиерот Дејвид Камерон реши да го дуплира буџетот за најавната и завршната церемонија на 125 милиони долари. Двете му се доверени на режисерот Дени Бојл (Trainspotting, Slumdog Millionaire).
Њујорк Тајмс потсетува дека Олимпијадата во Барцелона во 1992 година ја оставија Шпанија со долг од 6,1 милијарда долари а Грците во 2004-та се надеваа дека ќе завршат работа со 1,6 милијарди за на крај да достават сметки за 16 милијарди.
На Монтреал му требаа речиси три децении да го врати долгот од 2,7 милијарди, направен за Игрите во 1976-та година, а Британија е веќе во минус од 10 милијарди.
За инвестициите во Олимпијадата, комичарот Џеки Мејсон рече:
"Сè додека не ти пречи поради нив во следниве 10 години да плаќаш поголеми даноци, сè додека не ти пречи што половина од улиците во твојот град нема да можеш да ги користиш и што имаш една вишок карта која треба да ја поделиш на 37 пријатели, Олимпијадата е супер работа."