Одборот на Трамп ќе префрла Палестинци од Газа во „зони без Хамас“

Првата работа на мултинационалниот Одбор за Газа на Доналд Трамп ќе биде создавање строго контролирани „засолништа“, во кои би биле префрлани Палестинците за да се изолираат невооружените цивили од милитантите. Тоа би го расчистило теренот за израелските сили да ја продолжат војната против Хамас, на начин да не се предизвика гнев од САД и светската јавност.

Операцијата би требало да почне во рок од неколку недели. Сега е во почетна фаза на идентификување локации во кои Одборот за мир во Газа ќе постави големи логистички магацини што ќе послужат за управување со хуманитарните засолништа. Во вторникот пристигнала првата пратка тактички возила за оперативците од Одборот. 

Според „Израел Хајом“, портал наклонет кон премиерот Бенјамин Нетанјаху, невооружените цивили би биле насочени кон оградени „хуманитарни засолништа“ почнувајќи од Тел ал-Султан во близина на Рафа. Зоните би биле под строг надзор кој влегува и излегува.

Всушност, ова е имплементација на точката 17 од Планот на Трамп за Газа, кој отвора пат за привремена рехабилитација во областите без Хамас. Во тие зони нема да се донесе бетон за реконструкција на Газа. Ќе бидат испратени привремени живеалишта, а за населението ќе бидат обезбедени медицински и други услуги, пишува Хајом.

Во моментов, САД го спречуваат Израел да ги продолжи воените активности во Газа, иако Хамас одбива да се разоружи согласно мировниот план. Извлекувањето на цивилите постепено би го оставило Хамас на бришан простор, без ресурси и поддршка од населението. Тоа би им овозможило на Израелските одбранбени сили претпазливо да го стегаат обрачот, продлабочувајќи го своето дејство надвор од „жолтата линија“ на разграничување. Притоа би го задржале правото на ликвидирање милитанти, но на начин да не го надмине прагот на меѓународна критика и трпението на САД.

Според службеници на Одборот за мир, палестинските цивили ќе можат по сопствен избор да се вратат во своите домови на териториите во кои е присутен Хамас, со ризик дека тоа ќе бидат потенцијални воени зони. 

Намерата е областа да не биде затвор, изјавиле анонимни извори за Израел Хајом. 

Други службеници тврдат дека слободата на движење би му овозможило на Хамас да го контролира движењето на цивилите од хуманитарниот комплекс, целосно да го спречи или да го користи за свои цели. Тие потсетуваат на катастрофалната мисија со центрите за дистрибуција на храна во Газа, кога имаше масовни турканици, пљачкање на хуманитарната помош и интервенции за воведување ред, во кои загинаа стотици луѓе.

Технократскиот комитет нема да влезе во Газа сè додека Израел не прогласи дека Хамас е целосно разоружен. Целта е да не се создаде модел како во Либан, каде што Хезболах има поцврста контрола врз теренот отколку легалните власти. 

2 јули 2026 - 10:36