Од првите редови во супермаркетите

Додека болниците се справуваа со десетици нови пациенти на ден, супермаркетите беа под опсада на илјадници препаничени муштерии кои се обидуваа да се снабдат за претстојната апокалипса.

Иако сето ова време неуморно ги покриваат и одржуваат супермаркетите во функција, вработените во супермаркетите од јавноста и понатаму се сметаат за необразован кадар, кој не е ни приближно клучен во целата оваа драма.

„Меѓутоа вработените во супермаркетите се клучни работници, изземени од забраните за движење заради кои многумина од нас со месеци седевме дома. А како клучни работници, тие беа таму од првичното панично купување па до крај,“ пишува Сирин Кејл во Гардијан.

Кејл ги пренесува приказните на вработените во супермаркетите во Британија од последните неколку месеци. Тие раскажуваат како во првичната паника купувачите се туркаат еден со друг за да стигнат до производите што ги бараат, а во исто време се вонредно заштитнички кон производите во количката.

Битките за тоалет хартија, и нешто помалку за антибактериски гел, сапун, шпагети и храна во конзерви, ги претвора британските купувачи „во животни“.

„Тие само јуришаа кон тоалет хартијата во истата минута кога ќе ја видат.

Еден од моите менаџери ми кажа дека не се ни трудел да намести тоалет хартијата на полици, туку само ја оставал на палета. Луѓето ја разграбувале во истиот момент кога ќе се појави. Имаше наезда на луѓе,“ објаснува Лејла, вработена во еден од супермаркетите на Веитроуз во Лондон.

Посебен проблем за вработени е одлуката на британската влада да го ограничи бројот на артикли што можат да се купат од еден производ. Обидите да се разубедат купувачите дека не можат, на пример, да купат 20 конзерви супа од домат, туку само 3, често пати завршуваат „сакам да разговарам со твојот шеф“, комплетно игнорирајќи ги вработените кои се пред нив. Бидејќи се работи за владина одлука, во овие ситуации и контактирањето со шефот завршува со ист исход - само 3 се дозволени.

Во периодот е забележан и раст на крадењето од супермаркетите, („пред 2 недели некој за малку ќе избегаше со алкохол во вредност од 500 фунти“) главно затоа што обезбедувањето е ангажирано на одржување на редиците пред влез.

Иако делот со паничното купување заврши и народ главно се снабди и смири дека продавниците ќе имаат залиха, следниот проблем за целата индустрија главно се сведува на заштита на здравјето на работниците односно „како ќе спречиш потрошувач да ти дојде до тебе и да те праша каде се наоѓа замрзнатиот грашок?“

„Кога се во продавница потрошувачите сакаат да излезат што е можно побрзо. Тие не гледаат знаци, го игнорираат правилото за 2 метра... Има бркотница да се влезе и да се излезе што е можно побрзо.

Мојот прв инстинкт е да ги замолам да не ми се приближуваат до толку, ама додека да го кажеш тоа, тие веќе те игнорирале. Тие гледаат само униформа, не и човек, и се грижат само да го најдат тоа што го бараат,“ изјавува вработен во супермаркет во близина на Кардиф.

Разликата меѓу медицинскиот персонал и полицијата од една и вработените во супермаркетите од друга страна е и во тоа што последниве никогаш не ни помислиле дека тие ќе бидат во првите борбени редови на пандемијата.

„Твојот полицаец или медицинска сестра, до некаде, тие очекуваат дека ќе бидат на фронтот. Меѓутоа касиерката или курирот на Амазон, тие никогаш не очекувале дека некој ќе ги плука или ќе им вика,“ објаснува др. Рејчел Сумнер од Универзитетот во Глочестершаер.

26 мај 2020 - 13:39