Неуспехот на Макронизмот

Убедливата победа на Макрон во 2017 година и неговите центристички, технократски и про-ЕУ политики се чинеше дека на подолго време ќе ги остават популистите и десничарите во длабока политичка дефанзива. Ама, еве ги, повторно му дишат во врат.

Во првиот круг на изборите Емануел Макрон помина подобро отколку што прогнозираа последните сондажи и освои најмногу гласови но и анти-естаблишмент партиите го зголемија своето изборно салдо.

Тврдата десничарка Мари Ле Пен е втора и тие двајца ќе се соочат во вториот круг при што сите околности навестуваат дека тоа ќе биде тесен резултат, далеку од оние 66% наспроти 34% со кои Макрон ја победи последниот пат.

До неодамна Макрон очекуваше мазно да дојде до победа. Доцна почна со својата кампања, убеден дека неговото претседателствување зборува самото за себе. Не испадна така.

Освен Ле Пен, на семафорите се појави и Ерик Земоа, крајно десничарско ТВ лице, новинар и автор. Тој додуша зема само седум проценти но и тоа е повеќе од Валери Пекрес од централно-десничарските Републиканци, своевремено најуспешната партија на Петтата Република, под водство на Жак Ширак.

Добар резултат постигна и левичарот Жан Лук Меленшо, позиционирајќи се веднаш зад Ле Пен додека неговите ривали, Социјалистите на париската градоначалничка Ана Хидалго кои во 2017 година имаа одличен резултат, сега не успеаа да соберат ни два процента.

Сето ова е сума на расположението на Французите кои долго време на анкети велат дека земјата не им оди во добра насока. Повеќето мислат дека политичарите немаат врска со нивните реални проблеми а кризата и зголемените трошоци само го зголемија чувството на економска несигурност која сега не ги тангира само работниците туку и средната класа. 

Оттука, не чуди што овие избори минаа со најслаба излезноста во последните 20 години и што на нив гласачите покажаа дека се подготвени масовно да гласаат за радикални, и десни и леви опции.

Можеби гласачкото тело за пар недели повторно ќе му даде доверба но и вака е јасно дека „Макрон нема одговор на прашањата со кои се соочува Франција и Европа,“ пишува Фрејзер Маерс.

12 април 2022 - 12:53