Законот за тутун и вејпови е најглупавиот досега во Британија

Британските власти создаваат граѓани од втор ред. Со забрана на вејпингот ќе ги казнат пушачите што сакаат да се откажат од пушењето, а забраната за продажба на цигари на сите родени по 2008 година ќе предизвика цутење на црниот пазар, забележува Кристофер Сноудон, писател, колумнист и автор на изразот „држава-дадилка“.

Законот за тутун и вејпови, кој наскоро треба да добие кралска согласност, е најпразноглавиот и нелиберален закон донесен во мојот живот. Тоа е патетичен епитаф за празна политичка класа, тажен смрдеж од гнилиот труп на блеризмот и ново дно за државата-дадилка. Протуркан од политичките пигмеи во Долниот дом и поздравен од гибоните што ја мразат слободата во Домот на лордовите, тој им даде брз допамински наплив на самобендисаните додека британската држава околу нив се распаѓа.

Повеќето луѓе беа само нејасно свесни што вели новиот закон, но медиумското известување предупреди милиони за фактот дека „генерациската забрана“ за пушење нема никаква врска со пушењето во пабови (кое беше забрането во 2007 година) или со продажбата на цигари на деца (кое беше забрането во 1908 година). Наместо тоа, ќе се создаде речиси надреално двостепено општество во кое луѓето родени по 2008 година трајно ќе останат деца во очите на законот.

Последиците се речиси премногу очигледни за да се објаснат. Сите се смееја замислувајќи 39-годишници како шетаат пред трафика и бараат од 40-годишници да им купат кутија „Мејфер“, но вистинскиот извор на тутун за оваа нова група граѓани од втор ред ќе биде црниот пазар, иако „црн пазар“ е речиси премногу драматичен термин за нелегални цигари што се продаваат повеќе или помалку отворено по продавници низ целата земја. Продажбата на легални цигари е повеќе од преполовена од 2022 година. Дали бројот на пушачи е повеќе од преполовен?  Не е. Не е потребна Мис Марпл за да се сфати како се задоволува вишокот побарувачка.

Ова е позадината во која Законот за тутун и вејпови помина низ парламентот. Додека политичарите држеа неподносливи говори за „генерација без чад“ (веројатно надградувајќи го „успехот“ од генерацијата без канабис), пушачите лежерно купуваа пакувања од 5 фунти од луѓе на кои не им е грижа колку години имаат нивните клиенти.

Австралиската влада му даде лекција на светот за тоа што не треба да се прави во контролата на тутунот со забрана на вејпови и наплаќање од 25 фунти за кутија цигари. Доведе до целосна војна за контрола на територија меѓу соперничките банди, неколку убиства и бомби во повеќе од 80 продавници, претежно за тутун. Ова е иднината за Британија, но ниту медиумите ниту политичарите не забележаа.

Поголемиот дел од тутунот што се продава во Австралија сега е нелегален, приходите од данокот на тутун се намалија и, наспроти целосната забрана за е-цигари, стапките на вејпање кај младите се повисоки отколку во Британија. Одиме во иста насока. Генерациската забрана за продажба само ќе го забрза тоа, но иднината на црниот пазар за тутун е веќе всадена. Забраната е смешно глупава, но додека да почне да се применува, ќе биде во голема мера ирелевантна.

Вистинскиот проблем е делот за вејпинг од Законот. Тој му дава на министерот за здравство, моментално Вес Стритинг, моќ на Хенри VIII да прави што сака со вејпингот. Владата веќе се консултира за забрана на вејпингот насекаде каде што е забрането пушењето, и покрај тоа што нема веродостојни здравствени ризици од пасивна пареа. Таа јасно стави до знаење дека има намера да забрани секакво рекламирање на вејпинг и никотински кесички. Во октомври треба да се донесе данок на вејпинг кој ќе ја удвои или тројно ќе ја зголеми цената.

Се заедно, ова претставува најсеопфатен пакет политики за пушење што некогаш е воведен во оваа земја. Во име на спречување вејпинг кај малолетници - кои не можат легално да купат електронски цигари - владата поставува пречка на патот на возрасните, кои инаку би можеле да бидат во искушение да ги користат најефикасните уреди за откажување од пушење што некогаш се измислени. Сето ова го прави додека цигари без здравствени предупредувања на пакувањето се продаваат за неколку фунти на главната улица и на пушењето му даде привлечност на забрането овошје за младите.

Во еден разумен свет, секој што е вмешан во ова идиотско законодавство би бил премачкан со катран и пердуви.

Кристофер Сноудон за Spiked

******
Види и: Пушењето, лагите и државата-дадилка

23 април 2026 - 15:14