Наспроти горенаведената нелогичност зошто сирискиот претседател во поволни воени услови на терен, би користел нервен гас и со тоа би го свртел гневот на меѓународната заедница кон себе, Трамп и Макрон се слушнале и телефонски се согласиле дека во нападот на сирискиот град Дума е користено хемиско оружје од страна на владините сили.
Двајцата претседатели договориле соработка за да се покрене јасна одговорност за употреба на такво оружје во нападот во кој загинале околу 40 лица. И за случајот со Скрипал, Велика Британија не дочека аргументи (подоцна ги дочека ама спротивни на нејзината приказна) за да ја мобилизира западната политичка ергела против Русија (меѓу нив и по некое муле во ликот на македонската дипломатија која реши да биде поголем сојузник на НАТО од некои нејзини членки, и среде битка за името да нè скара со постојана членка на Советот која нè призна под уставното име).
По повод Сирија сега е свикан итен состанок на Советот за безбедност на ОН, слично на оној вонредниот за Скрипал од 14 март, на кој му претходеше писмо на британската премиерка Тереза Меј полно со тешки и непоткрепени обвинувања за руското учество во труењето на пребегнатиот агент и неговата ќерка.
„Дали некој воопшто ги нападна нив?,“ се прашуваат некои медиуми по вестите за нивното ненадејно опоравување, толку молскавично што, според некои информации, веќе пакуваат куфери за Америка. За чудото да биде комплетно, во меѓувреме „значајно е опоравен“ и детективот Ник Бејли, човекот кој прв стигна на местото на кое бил употребен „најсилниот воен отров на светот“ кој се смета за оружје за масовно уништување.
„Лабораториските наоди покажаа дека британската политика и особено Борис Џонсон се сериски лажговци“, пишува сајтот на меѓународната социјалистичка интернтационала, потсетувајќи дека во целиот случај Велика Британија потполно ги погази сите узанси на меѓународната политика. Во врска со тоа, Русија постави 40 прашања, на ниедно не беше одговорено. Само надмено им беше даден ултиматум од 48 часа да одговорат на обвинувањата за користење воен отров на британска територија, нешто за кое Лавров попусто објаснуваше дека немаат никаков мотив, бидејќи самите го имаат пуштено Скрипал од затвор за да го разменат за свои заробени агенти.
Интернационалата сугерира дека по расклатувањето на првичната приказна за Скрипал, следувале координирани едиториали во неколку влијателни британски медиуми со кои се најавувало дека наместо влегување во борба со руските аргументи, „вниманието (треба) да се фокусира на следните пенали за Русија“ (Фајншеншен Тајмс).
Значи, Сирија. Асад е нечовек. А македонската дипломатија сè уште не му објавила војна.