Недоразбирања во корен

По 45 убиени НАТО војници годинава, од страна на нивните авганистански колеги (не од Талибанци) некој сфати - може овие не се разбираат меѓу себе.

Сега министерството за одбрана на Авганистан, почна да изработува памфлети во кои на своите војници им објаснува некои навики на странците, како тоа да не бидат навредени ако некој ги потчукне по грб или ако ги прашаат за здравјето на нивните сопруги, бидејќи тоа е знак на внимание.

"Коалициските војници може да ве прашаат за жените во вашето семејство. Немојте да се навредувате, тие само сакаат да имаат пријателски односи со тебе. За возврат, кажете им дека Авганистанците не зборуваат со други за жените во своите семејства," пишува во памфлетот.

Други примери на "Западна култура" кои се навредливи за Авганистанците се: ставање нозе на маса, дување нос, намигнување, фотографирање, пцуење и покажување на среден прст.

На авганистанските војници им се препорачува и да не се вознемируваат ако за време на молитвите, некој НАТО војник пројде пред нив, што се смета за крајно навредливо во Исламот.

Според НАТО само една четвртина од овие напади се дело на инфилтрирани Талибанци, додека другите се должат на лични недоразбирања и навреди.

11 септември 2012 - 12:54