На демократите мил им е Бајден, ама помил им е мандатот

Десетици конгресмени од демократите размислуваат да потпишат писмо во кое ќе побараат повлекување на Бајден од трката од страв дека заради него ќе ја изгубат контролата врз Конгресот.

Заради слабите бројки на Бајден и константното одлевање на поддршката демократските законодавци се загрижени дека ќе им се случи републиканско преземање на Вашингтон и мандат на Доналд Трамп кој нема да може да биде контролиран од опозициски Конгрес.

Блумберг пишува дека зад писмото стојат Демократи кои се кандидираат за реизбор во традиционално сигурни демократски изборни места.

Доколку демократите ја имаат контролата и на само еден дом на Конгресот (Претставничкиот дом или Сенатот) тоа ќе им даде преговарачка позиција со Белата куќа на Трамп за најразлични политички битки кои ги чекаат во претстојните 4 години доколку тој го добие мандатот.

До сега само еден демократски конгресмен го има јавно повикано Бајден да се повлече, меѓутоа неколкумина се имаат дистанцирано од претседателот.

Про-демократските аналитичари со кои разговара Блумберг објаснуваат дека работите „се движат многу побрзо против претседателот“ отколку што се очекувало. Нивна процена е дека Бајден има уште не кои си пет до шест дена.

Препораките што доаѓаат од сојузниците на Бајден се дека тој ќе треба да организира што е можно повеќе директни средби и разговори со гласачите на кои ќе ја докаже својата ментална острина и ќе ги смири нивните стравови.

И луѓето со кои разговара Блумберг изјавуваат дека во случај на повлекување на Бајден, тие сметаат дека Камала би имала добри шанси.

5 јули 2024 - 09:29