
„Станува се потешко да се издржи пандемијата. Ќе ти каже ’бев гладен’, и што ќе му правиш?“ објаснува за Хјустон хроникл менаџерот на Капитол Супермаркет во Вашингтон Д.Ц.
И Хроникл е на исто размислување, објаснувајќи ги сите проблеми што се случиле годинава што според нив донело до „хронична глад, на нивоа кои не се видени со децении“, а како резултат на тоа има се поголем број Американци кои крадат храна за да преживеат.
Статистички крадењето по продавници е значително пораснато од почетокот на пандемијата, и е побројно отколку во изминатите економски кризи. Тоа што е карактеристично за крадењето за време на пандемијата е што сега многу повеќе се крадат продукти како леб, тестенини и вештачко млеко за бебиња.
„Не дека луѓето крадат телевизор и бегаат низ врата. Туку сега во прашање е многу поинаков вид на криминал - луѓето крадат прехранбени продукти и производи кои се за деца и бебиња,“ изјавува првиот човек на фирмата за обездување Аегис, Џеф Зиснер.
По нападите од 11 септември, бројот на кражби во продавници се зголемува за 16%. По почетокот на рецесијата во 2008, растот е за 34%. Денес е растот е поголем и од тоа.
Дел од менаџерите на маркети изјавиле дека престанале да се јавуваат во полиција за помалите случаи, бидејќи не се исплати времето и ресурсите кои притоа се трошат, посебно што вработените сега треба да се справуваат и со нови обврски како проверки на температура и контрола на носење маски.
„Изборот беше, дали да потрошам 10 долари и да купам неколку парчиња зеленчук или да потрошам 10 долари за кутија тампони,“ изјавува 27-годишната Алекс која објаснува дека помошта од 1.200 долари главно ја потрошила на кирија, а другото главно го подмирувала крадејќи од Хол фудс.
Од витамини до шампон за тело, Алекс обезбедува со крадење. Главниот метод и е да земе неколку покабасти парчиња зеленчук, пример кељ или неколку авокада за да ги скрие поскапите работи што ги става во торба пред да мине на касата за само-услужување.
„Да речеме не се чувствувам лошо што сум земала 15 или 20 долари во производи од Хол фудс кога Џеф Безос е најбогатиот човек на Земјата,“ порачува Алекс.
Моментално над 20 милиони Американци земаат некаква помош за невработени, а 12 милиони ќе останат без помош на првиот ден по Божиќ, освен ако властите не обезедат нов пакет на субвенции. Процената е дека 54 милиони Американци годинава ќе имаат проблеми со глад, што е раст од 45% во однос на 2019. Во исто време неколку федерални програми кои обезбедуваа милијарди долари во свежо овошје и зеленчук, млечни и месни производи за американските „народни кујни“ истекуваат на крајот од годинава.