Стотина членови на тврдокорното движење на еврејски доселеници Hilltop Youth (Младината од ридовите) во вторникот извршија напад врз Палестинци и израелски војници во селото Џалуд на Западниот Брег. Повредиле тројца војници кои придружувале палестинско семејство што се враќало во домот од кој било протерано. Едно лице било уапсено и двајца малолетници биле сослушани.
Младината од ридовите обединува млади Евреи инспирирани од религиозно-националистичка идеологија. Настојуваат да го прошират еврејското присуство на окупираната палестинска територија со поставување на единечни живеалишта – обично шатори или монтажни бараки - на ридовите околу веќе постоечките населби за еврејки доселеници.
Озлогласени се затоа што „освоената територија“ ја бранат многу поагресивно од претходните генерации на доселеници.
Иако уште од 1990-тите на Западниот Брег постојат групи Израелци кои живеат надвор од системот, без приклучок на јавните мрежи, новата генерација има јасна агенда за преземање на палестинска територија преку насилство, вели Двир Варшавски, активист од израелската група „Децата на Абрахам“, која ги брани правата на Палестинците.
Самата група на својот канал на Ватсап тврди дека во изминатите 12 месеци извршила 635 напади во 158 палестински села, при што биле ранети 409 Палестинци и изгореле 436 автомобили. Овие бројки не се потврдени од независен извор. Израелските власти ретко ги гонат сторителите.
Ескалацијата на насилството, особено нападите врз џамии и цркви, поттикна земји како Британија и Холандија да воведат забрана за купување производи што потекнуваат од доселеничките населби.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху, обраќајќи се пред Генералното собрание на ОН минатата недела, ги отфрли нападите како „дело на грст малолетни деликвенти, околу 150 на број“ и го обвини светот дека го игнорира насилството предизвикано од Палестинците.
Израел го окупира Западниот Брег од 1967 година. На оваа територија денес живеат околу 3 милиони Палестинци и близу половина милион еврејски доселеници. Околу 140 доселенички населби се официјално признаени од израелската влада, иако се нелегални според меѓународното право. Но, бројот на фарми и истурени пунктови, кои се нелегални и според израелското право, сега се зголеми на над 400, според податоци на организацијата Peace Now.

Младината од ридовите се разви по 2005 година, како реакција на едностраната одлука на Израел да се повлече од Газа и Западниот Брег и притоа уништи 25 доселенички населби. Старата гарда доселеници не успеа да ги спречи присилните евакуации на илјадници Евреи.
Со подемот на политичари што ги застапуваат доселениците, како министерот за финансии Безалел Смотрич, овие заедници добија сè поголем легитимитет и поддршка. Поради нелегалниот статус на истурените фарми и куќи, владата не може да врши директни трансфери на пари, но им доставува на доселениците се што им е потребно – теренски возила, безбедносни камери, енергетски извори и дронови. Им гради патишта и им обезбедува заштита од армијата.
По терористичкиот нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и суровата израелска одмазда во Газа, како и поради ангажманот на фронтот против Хезболах во Либан, редовните војници беа повлечени од Западниот Брег. Патролите околу доселеничките населби им беа препуштени на резервисти, кои претежни и самите се доселеници. Новиот состав на силите за безбедност нема никаков интерес да ги демонтира нелегалните пунктови.