Грчкиот премиер се среќава со Бајден и има посета на Конгресот со две главни теми за муабет:
- Грција да влезе во програмата за купување / ко-производство на Ф-35, ловецот од следна генерација.
- Турција ни под разно да не добие нови Ф-16ки или делови за надградба на постојните.
По посетата Мицотакис објави дека Грција е на пат да добие (купи) Ф-35 по 2028 и дека грчката авијација ќе ги има на располагање до крајот на декадата, а Грчките медиуми објавија дека Локхид Мартин ја поканил Атина да се приклучи во програмата за ко-производство на Ф-35.
Освен Грците, се очекува и турски функционери го посетат Конгресот со намера да извојуваат дозвола за 400 милиони долари тешкиот договор за надградба на нивните Ф-16ки со нови ракети, радари и електроника. Плус на ова Турција е заинтересирана за купување на 40 нови Ф-16ки.
Тука е и вториот дел од задачата на Мицотакис кој ги разубедувал американските конгресмени да не му дозволат на Ердоган да обнови или купи нови авиони.
„Ние нема да прифатиме акти на агресија кои го нарушуваат нашиот суверенитет и нашите територијални права. Ова опфаќа и надлетување над грчките острови, што мора веднаш да запре.
Последна работа што во моментов му е потребна на НАТО, кога сме фокусирани на помагање на поразување на руската агресија, е уште еден извор на нестабилност на југо-источното крило на НАТО.
Барам од вас да го земете ова предвид кога ќе носите одлука за одбранбени набавки поврзани со источниот Медитеран,“ порачал Мицотакис.
Грчкиот премиер имал одделна средба со Ненси Пелоси и со лидерите на комитетите за надворешни работи на Конгресот.
Барањето на Мицотакис веројатно ќе беше пречекано со кревање раменици доколку Ердоган не му наместеше пенал на грчкиот премиер со најавата за вето на влегувањето на Шведска и Финска во НАТО. Сега американските власти воената зделка со Турција ја условуваат со повлекувањето на нејзиното вето за скандинавските кандидати на НАТО. Американците сега и предлагаат на Турција С-400 одбранбениот систем да и го испрати на Украина, а за возврат да добие американски Патриот одбранбен систем.
По сето ова, турскиот претседател порачал дека го има избришано Мицотакис.
„Кај мене во именик веќе нема човек по име Мицотакис.
Никогаш повеќе нема да се согласам да имам средба со него бидејќи одам по ист пат само со политичари кои ги одржуваат своите ветувања, кои имаат карактер и кои се чесни.“
Ердоган е гневен затоа што настапот на Мицотакис во САД, за разубедување за продажбата на Ф-16ки, било активно лобирање против Турција, што го прекршува договорот за не вмешување на трети држави во недоразбирањата меѓу Анкара и Атина.