Мерц ја притиска Урсула да ја демонтира бирократијата во Брисел

Германските конзервативци ѝ спремаат дочек на „својата“ Урсула фон дер Лајен, со строг ултиматум: Да ги демонтира контролата и бирократијата во Брисел или да се соочи со  ограничување на овластувањата на Европската комисија. ЦДУ и канцеларот Мерц го губат трпението поради бавното темпо на реформите, кое ги кочи бизнисите во ЕУ и во членките.

Претседателката на Европската комисија денеска е гостинка на собир на Христијанско-демократската Унија во Берлин, партијата во која Урсула фон дер Лајен ја изгради својата политичка кариера пред да се префрли во Брисел.

Пречекана е со нацрт-документот „Агенда за одржливо намалување на бирократијата на ниво на ЕУ“, во кој ЦДУ поставува список од 27 барања до Комисијата за забрзано укинување на чиновничкиот апарат на Унијата и за намалување на регулативите што ги оптоваруваат бизнисите.

Документот содржи радикални мерки, како основање на ново тело за надзор на извршната власт на ЕУ, кое би имало право на вето на сите нови закони и мерки усвоени од Европската комисија.

Со друга мерка се повикува на рестрикции во овластувањата на европските институции и намалување на бројот на вработени.

Машината на ЕК продолжува да работи, работи и работи. Да се изразам илустративно и фигуративно: Треба да уфрлиме клин во оваа машина во Брисел сега, за да престане, предупреди неодамна канцеларот Фридрих Мерц.

Иако Европската народна партија начелно се согласува со ЦДУ за потребните реформи, Мерц чувствува многу поголем домашен притисок да ги исполни изборните ветувања за извлекување на Германија од долгогодишната економска криза, вклучувајќи го и ублажувањето на регулативите на национално ниво и во Унијата.

Берлин пред една недела ја намали на половина прогнозата за очекуван раст за 2026 година поради последиците од војната на САД и Израел против Иран.

Одговарајќи на критиките од Мерц и од италијанската премиерка Џорџа Мелони, претседателката на Европската комисија возврати дека Брисел веќе усвоил серија мерки и пакети за поедноставување на постојните закони, особено во врска со Зелениот договор. Таа се обиде и да ја префрли врз членките одговорноста за бавните реформи.

Мораме да погледнеме и на национално ниво, има премногу слоеви на национални законодавства што само го отежнуваат бизнисот и создаваат нови бариери на нашиот единствен пазар, изјави Фон дер Лајен.

27 април 2026 - 12:26