Тужбата ја поднесоа група акционери, кои тврдеа дека дека изгубиле милијарди од манипулативните пораки на Маск при долгиот процес на преземање на Твитер.
Процесот се фокусираше на серија твитови што Маск ги објави во април 2022 година, неколку недели откако се обврза да ја купи платформата. Тој прво порача дека договорот ќе биде „замрзнат“ сè додека директорите на Твитер не докажат дека над 95% од корисниците на платформата се вистински.
Инвеститорите ја оценија таа порака како ризик дека зделката може да пропадне, па акциите на Твитер паднаа од 54,20 долари на речиси 30 долари.
Неколку месеци подоцна преземањето на Твитер заврши со акции според првично договорената вредност, откако Маск го изгуби судскиот спор со акционерите. Оние што во меѓувреме ги продале акциите за речиси двојно пониска цена се пожалија дека биле измамени и побараа да бидат обесштетени.
Иако го прогласи Маск за одговорен за манипулацијата, судската порота од Сан Франциско сепак не заклучи дека милијардерот ја организирал шемата со цел да ги доведе инвеститорите во заблуда.
Тој тврдеше дека имал основа да се сомнева дека бројот на реални корисници на Твитер бил напумпан од директорите за да ја зголемат продажната цена.

Тоа веројатно не ми бил најмудриот твит. Не сум сигурен дека би го нарекол неверојатно глупав, ама се покажа како таков, бидејќи доведе до ова судење, сведочеше Маск на судскиот процес.
Откако го купи Твитер, Маск отпушти илјадници вработени, ја преименува платформата во X, го вгради моделот Грок и ја спои со својот стартап за вештачка интелигенција xAI, а потоа и со неговата ракетна компанија SpaceX.