Политико проценува дека нема една единствена причина заради која спикерот Џонсон, кој претходно инсистира дека секоја помош Украина ќе биде врзана за барањата на републиканците поврзани со јужната граница на САД, решил да го стави на гласање пакетот од 61 милијарда долари, „меѓутоа состанокот со Зеленски му даде на Џонсон поголема итност доколку реши да и испрати повеќе оружје на Украина.“
Според сведоштва на луѓе блиски на спикерот, Џонсон од состанокот со Зеленски излегува уверен дека на украинските сили им се неопходни муниција и оружје за воопшто да можат да продолжат да се борат.
Подготовката на легислативата за испраќањето помош во Украина паѓа на советникот на Џонсон за национална безбедност, Џош Хоџс, кој има напишано и профил за лидерскиот стил на Владимир Путин. Хоџс е човекот кој ги договара сите работи со Пентагон, американскиот совет за безбедност, најразлични претседатели на комисии и нивните членови. Тој за цело тоа време врши и притисок врз спикерот дека ова е уникатна шанса за САД да се спротивстави на се посилната оска меѓу Русија, Кина и Иран, „на начин кој е итен и исплатлив.“
Ставот на Хоџс е дека ако сега не се обезбеди помош за Украина тоа ќе ја ослабе американската позиција во светот и ќе ги охрабри противниците кои стануваат се понасилни. Плус пакетот помош е така замислен што ќе ги испразни старите американски залихи и ќе овозможи полнење на резервите со помодерно оружје.
Слични аргументи до Џонсон доаѓаат и од други извори блиски до него, вклучително од републиканците и од лоби групи блиски на спикерот.
Во двете недели пред изгласувањето на помошта, американски разузнавачки функционери и аналитичари ги брифираат конгресмените, вклучително и Џонсон, за состојбата на фронтот во Украина.
Тие тврдат дека без помошта од САД Путин уште толку ќе ги зголеми своите амбиции во Украина и 2024 ќе ја заврши во далеку подобра ситуација од која ќе може да извади одлични услови за преговарање со Зеленски. Во исто време иранскиот напад врз Израел ја зголемува итноста за изгласување помош за Тел Авив, која беше врзана во пакет со украинската помош.
Уште следниот ден по изгласувањето на помошта, законото беше потпишан од американскиот претседател. Еден ден подоцна кон Украина почнаа да се испорачуваат првите 1 милијарда долари воена помош.