Токио прогласи дека градот Окума 40% е безбеден за живеење и делумно ја крена забраната за враќање, за прв пат по несреќата од 2011. Истовремено, во другиот град ко-домаќин на централата, Футаба, забраната останува на сила, како и во неколку соседни градови.
На сето ова и претходеше агресивна програма за деконтаминација на Окума, која опфаќаше отстранување на горниот слој на почвата, сечење на дрвјата низ градот и перење на куќите и улиците во загадените делови.
Локалните власти објавија дека жителите полека почнале да се враќаат во до сега забранетите зони. А ова се случува и покрај тоа што во градот и понатаму не функционираат основни сервиси, како локалната болница, заради што тие ќе мора да патуваат до соседните градови доколку имаат потреба од доктор.
Во една од исчистените населби наскоро треба да бидат довршени 50 нови куќи и продавница, додека болницата би требало да биде готова за 2 години. Очекувањата се дека бројот на повратници ќе се зголеми кога ќе се комплетираат некои од поголемите инфраструктурни проекти во Окума.
Јапонските власти се надеваат дека следната година ќе можат да дозволат дел од жителите на Футаба да почнат да се враќаат дома.
Во Окума привремено е сметен и радиоактивниот отпад собран при деконтаминацијата на Фукушима. Операторот на централата, планира некаде во 2021 да почне со отстранување на нуклеарното гориво од еден од трите стопени нуклеарни реактори.