Купуваат милост од Трамп со донации за Салата за бал

Произраелски магнат на казина, технолошки гиганти, производители за оружје се најголемите донатори за Салата за бал во Белата куќа што ја гради Трамп. На списокот што протече до јавноста врие од компании и директори што склучиле договори со владата, извлекле корист од регулаторни мерки или добиле помилување од претседателот.

Компании, фондации, бизнисмени и граѓани досега донирале вкупно 333 милиони долари за изградба на Салата за бал во Белата куќа, покажува протечен документ од инаку нетранспарентната кампања за собирање средства. Една половина од вкупната сума е од компании или директори што склучиле зделки со федералната влада за време на вториот мандат на Трамп.

Во официјалните документи за проектот се идентификувани 37 лица, компании и фондации како донатори, без да се открие вложената сума. На документите објавени од „Вашингтон пост“ се наведени 67 компании и лица што вложиле по најмалку 10.000 долари. Приближно една третина од сумата, односно 77 милиони долари, се од анонимни донатори. 

Највисоките донации од по 25 милиони долари ги ветиле технолошките гиганти Nvidia и Apple. Три месеци претходно Nvidia постигна договор со Трамп за продажба на напредни чипови на Кина. Гугл вложил 22 милиони, како дел од вонсудската спогодба со Трамп за затворање на неговата тужба против платформата Јутјуб. Salesforce и директорот Марк Бениоф ветиле вкупно 3 милиони долари. Армијата на САД му додели на Salesforce договор вреден 5,6 милијарди долари. Донатори од технолошкиот сектор се и Microsoft, Amazon, Caterpillar, Comcast и T-Mobile. Инвеститори во криптовалути заедно собрале 18 милиони долари.

Меѓу највисоките донатори од 25 милиони е Фондацијата на Семејството Аделсон, која редовно дава пари за републиканските кампањи. Основна мисија на фондацијата формирана од сопственикот на казина Шелдон Аделсон е „јакнење на Државата Израел и поддршка на еврејскиот народ“. Донациите ги насочува кон приватни еврејски училишта, организации кои се борат против антиизраелско расположение во јавноста и на универзитетите, како и за зајакнување на односите меѓу САД и Израел.

Исто толку пари ветил и милијардерот Чарлс Ерген - коосновач на телекомуникациските компании DishNetwork и EchoStar. Неколку месеци претходно беше затворена истрага за EchoStar и фирмата доби федерално одобрување за продажба на лиценца на AT&T.

Изабела Херера, ќерка на банкарот Хулио Херера Велутини, лани во септември најавила донација од 2,5 милиони долари. Еден месец претходно нејзиниот татко постигна договор за ублажување на обвинението за поткуп. Ќерката ја платила првата рата од 835.000 долари во октомври, а во јануари Трамп го помилувал таткото.

Впечатливо е што на листата го нема Трамп, кој изјави дека лично помага во плаќањето на проектот.

Го плаќам 100% јас и некои мои пријатели, рече Трамп кога лани почна уривањето на Источното крило на Белата куќа.

Вкупниот износ собран досега е под првично најавената цел од 400 милиони долари. Пошироката реконструкција на Источното крило, вклучувајќи канцеларии и подземен воен објект, во март беше проценета на 600 милиони долари.

16 октомври 2026 - 12:19