Нешто слично како што беше со 152-милиметарските артилериски гранати, кои Русија ги врати од заборав и предизвика глобална потрага по нив и празнење на воените резерви, така сега крајно успешно ја крева актуелноста на крилестите бомби.
Се работи за оружје од советско време, кое сега е модифицирано со нови крила (перки) и сателитска навигација, речиси е незапирливо а во исто време крајно разорно (британски Тајмс пишува за кратер во Лиман направен од ваква бомба, кој е со ширина од 15 метри, подлабок од кој било ров ископан од Украинците и доволно голем за во него да се смести мала куќа).
Процената на Тајмс е дека одбранбената линија што Украина ја подготвува за очекуваната руска летна офанзива, не нуди речиси никаква заштита од се пообемното бомбардирање од руската авијација. Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба објави дека Русија фрлила 700 крилести бомби во рок од шест дена.
Украински војници кои 10 години се борат на фронтот во Донбас, објаснуваат дека експлозијата од крилестите бомби „не е налик ништо што до тогаш го имаат искусено.“
„Чувствуваш како органите во тебе почнуваат да се тресат. Почнав да крварам од уши и нос. Да повраќам. Два дена имав проблеми со говор заради ударот. Цело време се плискав со ладна вода за да се освестам,“ објаснува војник кој се нашол во близина на експлозија од крилеста бомба, без да биде повреден од шрапнел.
Токму крилестите бомби беа главен фактор за повлекувањето на Украинците од Авдивка. Откако руските бомбардери испуштија над 250 вакви бомби врз градот во рок од два дена, првиот човек на украинските вооружени сили, Олександар Сирски, нареди повлекување од Авдивка.
За разлика од досегашните крстосувачки ракети кои беа лансирани од локации оддалечени по 1.000 километри од фронтот, крилестите бомби можат да бидат пуштени од околу 90 километри од фронтот и во рок од неколку минути веќе да ја имаат погодено метата, правејќи ги речиси невозможни за соборување.
Русија располага со неколку различни модели од крилестите бомби со различна големина, од ФАБ-250, која тежи 250 килограми, до ФАБ-1500 со тежина од 1,5 тон. Русија сега работи, а според нивни воени извори има и готови, ФАБ-3000 бомби, со тежина од три тони.
Руските инженери, според руски извори, можат да додадат и мотор и резервоар за гориво на бомбите со што нивниот домет се зголемува на нешто помалку од 100 километри.
Од почетокот на годинава Русија има искористено 3.500 крилести бомби во Украина, што е 16 пати повеќе отколку минатата година.
Користењето на овие бомби, за кои е неопходно руските авиони да летаат во близина на фронтовските линии, Русија, според западни процени, го плати со губење на десет Су-34 и Су-35 авиони. Од друга страна Русите во исто време успеаа да уништат две Патриот батерии, веројатно најскапоценото оружје што Украинците го поседуваат.
Успехот на руското бомбардирање е и затоа што Украина треба да прави есап за секоја ПВО ракета која ќе биде лансирана, и да бира дали ограничените залихи на ракети за ПВО ќе ги искористи за заштита на војската што е на фронтот или на цивилите во заднина на западот од земјата.
„Русите имаат обемна залиха на железни бомби кои можат да ги пренаменат со крила. Затоа нивното ограничување не е кај муницијата туку во авионите што можат да бидат изгубени,“ објаснува др. Џек Ватлинг од РУСИ.
Колку повеќе муниција искористи Русија за уништување на фронтовското ПВО на Украинците, толку поблиску нивните авиони ќе можат да летаат до украинските линии и да бидат попрецизни во бомбардирањето. Процената на Тајмс е дека единствен излез од оваа лоша математика за Украинците е што поскоро снабдување со американски Ф-16ки кои би вовеле каква-таква рамнотежа во воздушниот простор над фронтот.
(Удар на ФАБ-1500 во Красногоровка)