Кој на Твитер верува, ќе се чуди како Корбин

Последните изборни резултати во Велика Британија уште еднаш докажуваат дека Твитер и расположението на него не е никаков индикатор за поширокото расположение на избирачкото тело.

Резултатите на последните избори во Британија на кои Конзервативците на Борис Џонсон ја однесоа најубедливата победа од 1987 година, иако подобри од очекувањата за Ториевците, сепак не беа изненадување.

Сондажите на јавното мислење со месеци предвидуваа мало но удобно мнозинство за нив. Иако сите сигнали велеа така, на самиот ден на изборите постоеше едно место на кое тој ден да заврши со мнозинство конзервативци изгледаше невозможно. Тоа место се вика Твитер.

На 12 декември британскиот дел на таа социјална мрежа бил преплавен од поддржувачи на Лабуристите, со ентузијастички фотографии како едвај се чека да се гласа за нивните, со решителни хаштази од типот #KickBorisOut и #VoteTheToriesOut. Секој што тој ден, од расположението на Твитер би носел заклучоци како ќе завршат изборите, би бил сигурен дека Лабуристите победуваат со огромно мнозинство.

Вревата во твитер комората знае да остави впечаток дека е одраз на многу пошироко расположение но најчесто не е така. Таа заедница не е репрезентативна ни за општата популација ни за гласачкото тело.

„Нема баш многу твитерџии над 75 години. Ама затоа во гласачките листи ги има а тие и помасовно излегуваат да гласаат од оние меѓу 18 и 25 години,“ објаснува Кристофер Ханрети, професор на Ројал Холовеј универзитетот во Лондон.

Многумина истражувачи на јавното мислење се обиделе да прогнозираат резултати анализирајќи го Твитер но многу малку има докази дека тоа е подобар модел од класичните сондажи.  На секое истражување од кое испаднало дека може да се прават проценки врз основа на податоците од социјалните мрежи, постојат десет истражувања кои тргнале ама не стигнале никаде или покажале луди резултати.

„Тогаш што требаше човек да заклучи на изборнииот ден гледајќи ја масовната поддршка за Лабуристите на Твитер?“ го прашал Кварц професорот Ханрети.

„Ништо,“ одговорил тој.

16 декември 2019 - 15:19