Само еден ден откако Џо Кент поднесе оставка како шеф на Националниот центар за борба против тероризмот, против него е отворена федерална истрага поради сомневања за „протекување чувствителни разузнавачки информации“.
ФБИ и Министерството за правда под водство на Трамп честопати ги таргетираат критичарите и политичките непријатели со покренување кривични истраги, за кои често пати немаат доволно докази, забележува Њујорк тајмс.
Кент во вторникот во отворено писмо го критикуваше претседателот Трамп дека ја почнал војната против Иран под притисок од Израел, иако немало докази за непосредна закана за САД.
Не можам да поддржам испраќање на следната генерација да се бори и да умре во војна што не им служи на американскиот народ, ниту ја оправдува цената за американски животи... Високо рангирани израелски функционери и влијателни американски медиумски личности шират дезинформации што го натераа претседателот да го напушти својот принцип Америка на прво место, напиша Кент во отвореното писмо.
Трамп ги отфрли критиките и го опиша Кент како „фин човек, но слаб за безбедноста“, и додаде дека е „добро што повеќе го нема“. Израелските организации во САД итно го обвинија Кент за „ширење антисемитизам“.
Кент, поранешна зелена беретка и офицер на ЦИА кој служел во 11 воени мисии во странство, вчера како гостин на подкастот на Карлсон Такер раскажа дека Трамп во одлуките за војната против Иран се потпирал на само неколкумина советници од најтесниот круг.

На голем број клучни носители на одлуки не им беше дозволено да дојдат и да го изразат своето мислење пред претседателот. Немаше силна дебата, за разлика од лани, спроти американските напади врз иранските нуклеарни објекти... Тие ја водеа дискусијата зад затворени врати и немаше пристап за спротивставување на ставови, рече Кент.
Тој додаде дека дека бил свесен за последиците, но сепак се решил да даде оставка и јавно да го критикува Трамп.
Знам што ќе се случеше ако останев, ќе бев вовлечен до колена во тоа. Знаев дека мојот глас ќе биде задушен пред да се слушне во Белата куќа, дека нема да можам да претставам податоци кои се спротивни на траекторијата и агендата на администрацијата, додаде поранешниот шеф за антитероризам.
Кент тврди дека Иран не само што не бил на прагот да развие нуклеарно оружје, туку планирал и целосно да ја напушти програмата. Ликвидацијата на врховниот ирански лидер Али Хамнеи ја оцени како голема грешка, бидејќи ајатолахот всушност ја смирувал нуклеарната програма.
Не сум фан на поранешниот врховен лидер Али Хамнеи, меѓутоа тој ги спречуваше да добијат нуклеарно оружје. Ако го елиминирате, ако го убиете агресивно, луѓето ќе се соберат околу режимот, додаде Кент.
Тој оцени дека изјава на државниот секретар Марко Рубио всушност е најблиску до вистинската причина за објавувањето војна. Рубио оцени дека САД биле убедени дека Израел и без нив ќе ја почнел војната, а Иран ќе возврател врз американските бази и интереси во регионот.
Тоа говори за поголемото прашање – кој всушост ја води нашата политика на Блискиот Исток, изјави Кент.