Кога Блумберг се надеваше дека сите се прислушувани

Човекот кој после слободниот пад на Бајден ѝ станува сè посимпатичен на партиската централа на Демократите а и медиумите тријат раце во очекување на неговиот куп пари во кампањата, една година после случајот со Едвард Сноуден има кажано дека „се надева дека НСА ги чита сите меилови“.

“Видете, ако не сакате да бидете на јавен простор, тогаш не се сликајте и не пишувајте. Во ова време и ера, треба да сте многу наивни да верувате дека Националната агенција за безбедност не слуша сè и не ги чита сите меилови. А колку опасен е станат светов, треба да се надеваме дека го прават тоа бидејќи навистина сериозни работи се случуваат наоколу“.

Ова Мајк Блумберг го има изјавено пред жива публика во Сан Франциско во 2014 година, со Кејти Кјурик како домаќинка, една година по првите обелоденети документи на Сноуден а една година пред федералниот апелациски суд да реши дека масовното прислушување е илегално. 

Милијардерот и некогашен градоначалник на Њујорк со пофални зборови ја опишува работата на НСА и се чуди што некои се шокирани од фактот дека собирале податоци, кога истото тоа, за пари, го прават и комерцијалните апликации.

„Немам јас проблем со тоа но луѓето треба да знаат,“ рекол Блумберг.

Во последно време тој беше на удар поради неговото некогашно драматично одврзување на рацете на њујоршката полиција за стопирање и легитимирање луѓе а му ископаа и една аудио снимка од 2015, кога вика дека „95 проценти од убијците, убиствата и жртвите се млади момчиња од малцинските групи“. 

Инаку, Сандерс кој по првите гласања изби во водство пред другите демократски кандидати, ја чувствува потенцијалната опасност од тоа партиската централа да реши Блумберг да биде новата Хилари па на едно од последните обраќања изјави дека без разлика коку пари ќе уфрли во кампањата, Блумберг не е човек кој може да создаде доволно енергија за да се детронизираТрамп. 

Деновиве се шпекулира дека Блумберг размислува во случај да стане кандидат за претседател, за десна рака да ја одбере - Хилари Клинтон. 

16 февруари 2020 - 18:53