Кина се престројува кон технологии на иднината

Пекинг ја посвети измината петолетка на забрзан развој на технологијата. Во следната планира да  ги вгради иновациите во индустријата за да го зацврсти своето место во светот. Ќе се посвети на технологиите на иднината, како квантните компјутери, нуклеарната фисија и вештачката интелигенција. На Кинезите никогаш не им се брзало, но веќе стигнаа до светскиот врв.

Новиот петгодишен план е главната тема на „Двете сесии“ – политичката церемонија на која неколку илјади делегати од цела Кина се собираат во Пекинг за да удрат печат на визијата за иднината што ќе ја претстави раководството на Комунистичката партија.

Лидерот Си Џинпинг и луѓето од најтесното политичко и државно раководство зад затворени врати веќе ги одредиле приоритетите за понатамошен економски развој што ќе бидат дел од новата петолетка, 15-тата по ред откако комунистите се на власт. Задача на делегатите е да го одобрат документот, кој може да претрпи ситни измени, на церемонија во директен телевизиски пренос. 

Во спроведувањето на претходниот петгодишен план од 2021 година Кина се соочи со големи шокови, пред сè пандемијата на ковид-19, која избувна во Вухан. Кризата со секторот на недвижности навлезе во петтата година, а од лани Трамп му објави нова војна со царини на Пекинг и постави блокади за пристап до американска висока технологија.

Но, Кина успеа да ја оствари главната цел – развој на домашните технологии за да стане самостојна и независна од странските. Тоа сега е основа за усовршување на технолошкиот развој. Пекинг не се залага само за иновации, туку и за нивна примена во огромниот индустриски сектор.

Ако политиката за иновации на претходниот петгодишен план беше во голема мера дефанзивна, оваа е многу повеќе активна. Фокусот е на постигнување пробив во клучните технологии и забрзување на интеграцијата на технологијата и индустријата. Пекинг го гледа сегашниот бран на технолошка и индустриска трансформација како историска можност за подобрување на продуктивноста, оцени економскиот аналитичар Јуе Су.

На долгиот список приоритети се пробив во развојот на чипови и индустриски машински алати. Се бара и рано напредување во индустриите на иднината, како квантната технологија, биопроизводството, нуклеарната фузија, интерфејсите за поврзување на мозок со компјутер, секако и вештачката интелигенција и 6G мобилни комуникации.

Паралелно со напредокот, се посветува и внимание на најголемите проблеми со кои денес се соочува Кина, особено за економијата – слабата домашна потрошувачка и долгорочните ризици од брзото опаѓање на наталитетот.

5 март 2026 - 13:59