Кина: Многу народи, една нација, еден официјален јазик

Кина, земја со 1,4 милијарда жители воведува „заеднички“ национален идентитет и му дава приоритет на мандаринскиот јазик. Критичарите тоа го сметаат за обид за асимилација на 55-те етнички групи. Пекинг тврди дека идентитетот на малцинствата не е загрозен. Интеграцијата промовирана преку образованието и културата е неопходна заради понатамошен развој.

Со церемонијалното усвојување на Законот за промовирање на етничко единство и напредок денеска ќе биде затворена годишната сесија на кинескиот парламент, на која делегатите ги одобрија насоките за развој на Кина во идните пет години. Целта на Законот за единство е да се промовира интеграција меѓу етничките групи преку образование, домување, миграција, живот во заедницата, култура, туризам и развојна политика.

Во земјата доминираат Хан Кинезите, кои сочинуваат 91% од вкупното население, а официјално се признаени уште 55 етнички групи, вклучувајќи Тибетанци, Монголци, Хуи, Манџури и Ујгури. Хан Кинезите се во најнаселените области, а малцинствата се концентрирани во региони кои заедно покриваат приближно една половина од површината на Кина.

Законот нема да им го одземе правото на малцинствата да го користат својот мајчин јазик, но ќе му даде приоритет на мандаринскиот, како официјален и службен во наставата и во владините институции.

Во образованието, децата ќе учат мандарински од градинка до крајот на средното училиште, како последен степен од задолжителното образование. До пред шест години учениците во Внатрешна Монголија имаа право да следат настава на мајчин јазик во основно и средно училиште. Во 2020 година беа воведени учебници на кинески како задолжителни, а монголскиот се учеше како втор јазик.

Во јавни установи, каде што се користат и официјалниот јазик и малцинските, мандаринскиот ќе биде истакнат во распоредот, редот и слични аспекти. До ова ќе мора да се придржуваат и религиозните групи и верските училишта.

Државата го почитува и заштитува учењето и употребата на малцинските јазици и писма, пишува во законот.

Законот, исто така, има за цел да забрани какво било мешање во изборот на брак врз основа на етничка припадност, обичај или религија, за да се овозможи поголем број мешани бракови меѓу етничките групи. Предвидени се казни за организации и поединци од странство што го поткопуваат етничкото единство на Кина или поттикнуваат етнички сепаратизам.

Професорот Ален Карлсон, експерт за кинеска надворешна политика на Универзитетот Корнел оцени дека законот е движење кон асимилација.

Појасно од кога било е дека во НР Кина на претседателот Си Џинпинг, народите кои не се од народот Хан мора да сторат повеќе за да се интегрираат со мнозинството и, пред сè, да бидат лојални на Пекинг, тврди Карлсон.

Државниот весник Чајна дејли ги отфрла критиките дека етничките малцинства во Кина ќе мора да избираат помеѓу економски развој и зачувување на културата.

Законот ја нагласува заштитата на културните традиции и начинот на живот на сите етнички групи, пишува во редакциски коментар.

12 март 2026 - 08:34