
Медиумите мора „решително да стават крај на женствените мажи и останатата абнормална естетика,“ порачуваат тамошните власти за регулирање на радио и телевизија. Зад одлуката стои стравот дека кинеските поп-ѕвезди, инспирирани од примерот на јапонските и јужнокорејските, не ги охрабруваат доволно младите мажи да бидат мажествени.
Освен феминизираните, треба да се избегне промовирање на „вулгарни интернет ѕвезди“ и восхитување на богатство и слава. Наместо тоа програмите треба „енергично да промовираат извонредна кинеска традиционална култура, култура на револуцијата и напредна социјалистичка култура.“
Сето ова доаѓа од највисоко и е дел од повикот на Ши Џинпинг за „национално освежување“ кој освен медиумите ги опфаќа и бизнисите, образованието, културата и религијата.
Пред некој ден Кина воведе официјални ограничувања за тоа колку саати на ден деца смеат да играат видео-игри, а авторите на игрици во иднина ќе мора својот производ да го дадат за одобрување од владата.