На падот на казахстанската влада и претходеше скок на цената на гасот за возила (ЛПГ), од 50 на 120 тенге за литар, што во наши пари значи дека природниот гас чинел 6,28 денари за литар, па скокнал на 15,07 денари за литар пред цел држава да се крене на нозе.
Протестите против повисоките цени на горивата започнаа на западот на Казахстан, и до вторникот вечерта се проширија до најголемиот град и поранешна престолнина на земјата, Алмати.
Најжестоките судири со полицијата беа токму во Алмати, а народот упорно беше на улица и покрај температури под нулата и огромно присуство на безбедносни сили.
По целиот хаос, претседателот на Казахстан, Касим Жомарт Токајев, нареди ограничување на цената на природниот гас на почетната сума од 50 тенге, плус побара замрзнување на цените на режиските трошоци и субвенционирање на киријата за сиромашните семејства.
Инаку, Токајев беше лично избран од Нурсултан Назарбајев за наследник на претседателската позиција, кога овој во 2019 реши да се пензионира по речиси 3 децении владеење со земјата.