Картелите и Светското

Додека фудбалски навивачи ги преполнија улиците на Гвадалахара, Мексико Сити и Монтереј, кои беа домаќини на натпревари од Светското првенство, далеку од камерите во Мексико продолжува војната на картелите за проширување на териториите, во која страдаат недолжни цивили. Во битките со локалните стражи се користат дронови со бомби и оружје шверцувано од САД.

Администрацијата на претседателката Клаудија Шајнбаум со месеци наназад тврди дека властите успешно се пресметале со наркокартелите. Тоа беше дел од кампањата за да се претстави Мексико како безбеден домаќин на Светското фудбалско првенство – најпопуларниот и најпосетениот спортски настан на планетата.

Мексико ја удвои безбедноста во центрите на Светското првенство, распоредувајќи 100.000 безбедносни сили главно во Мексико Сити, Монтереј и Гвадалахара за да го обезбедат турнирот. Етапата од натпреварувањето во Мексико, која заврши во недела, заврши без поголеми безбедносни инциденти.

Но, жители на руралните населби Гвахес де Ајала тврдат дека со недели живеат под опсада и дека се кријат во засолништа од бомбардирања со дронови на наркокартелот во подем - Ла Нуева Фамилија Мичоакана.
Властите упорно негираат дека имало напади во провинцијата Гереро, иако на видеа објавени во живо од локалното население се слушаат пукотници и се гледа како од населбите се крева чад – вообичаени сигнали за акции на картелите.

Додека некои слават голови, други се масакрирани од беспилотни летала што носат бомби. Властите се концентрираа на заштита на местата каде што се игра Светското првенство, наместо да ги заштитат луѓето како нас, кои никогаш не направиле ништо лошо, порача 24-годишната Марилу Солорио од засолниште во Гвахес де Ајала, во кое се криела заедно со 70-ина жени, деца и стари лица.

Аналитичарот Давид Сауседо вели дека стратегијата на владата да ги концентрира полицајците и трупите во градовите придонела да се разгорат операциите на наркокартелите во внатрешноста. 

Имаше силно обезбедување во Мексико Сити, Гвадалахара, Монтереј. Многу воени и офицери на Националната гарда од други сојузни држави беа преместени таму заради Светското првенство. Но, така оставија незаштитени голем број региони, вели Сауседо.

Картелот Ла Нуева Фамилија Мичоакана, која минатата година беше прогласен за терористичка организација од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со години се ја проширува својата територија во Гереро.

Оставени без заштита од властите, многу жители избегале на побезбедни места, а мажите што останале организираат локални стражи. Се вооружуваат со помош од соперничките картели, кои им доставуваат оружје шверцувано од САД – вклучувајќи и гранати и извидувачки беспилотни летала со кои се следи движењето на озлогласениот картел.

Локалните жители воопшто не очекуваат дека властите ќе им помогнат. Како што Светското првенство се приближува кон финалето, им преостанува да веруваат во заканите од Трамп дека САД може да интервенираат на мексиканска територија за да ги запрат картелите обележани како терористички организации, ако тоа веќе не можат да го сторат мексиканските власти.

13 јули 2026 - 10:32