Единицата е на готовс да тргне за Украина кога во последна минута добива наредба да се прибере во касарна објавува холандскиот весник Де Телеграф. За акцијата прв пат се дознава сега, на една недела пред првото судско сведочење во судењето на тројца Руси и еден Украинец обвинети за убиство на 298 патници кои беа на летот МХ17 на 17 јули 2014.
„Планот вклучува 1.000 холандски војници кои со лесно наоружување и она што им го собира во ранците треба да бидат распоредени во областа,“ ја објавува Де Телеграф изјавата на холандскиот генерал потполковник Мартин Вијнен.
Војниците, припадници на единица за брзо распоредување низ цел свет, биле подготвени за тргање во рок од 48 часа откако ја добиле наредбата за пакување.
Холанѓаните требало да добијат засилување од уште 1.000 австралиски војници чии граѓани исто така загинаа во соборувањето на МХ17. Главна цел била неколкудневно обезбедување на област од околу 35 квадратни километри со цел инспекторите и хуманитарците да можат да ги соберат телата на загинатите патници.
Мисијата е откажана во последен момент откако про-руските сили во регионот се согласиле да дозволат преземање на телата. На крај, Холандија испраќа 40 невооружени припадници на воената полиција кои треба да помогнат во потрагата и собирањето на телата на загинатите.
Дополнителен аргумент за откажување на мисијата е стравот од потенцијален судир со локалните сили што на крај би можело да ги вклучи и руските воени единици распоредени на границата со Украина.
„Тоа не е нешто што е посакувано со голема, тешко вооружена руска војска која е веднаш на другата страна од границата,“ пишува Де Телеграф.