За што мозга ЕУ?

Како на Орбан да му се осигура победа за да се откаже од блокадите?

ЕУ не сака да ја темели својата поддршка за Украина врз очекувањата дека ќе се ослободи од Виктор Орбан со негов пораз на унгарските избори. До април Киев може да банкротира. Затоа Брисел разви нова тактика: ќе му даде поддршка на Орбан и ќе го отвори нафтоводот Дружба за да го убеди да го деблокира заемот од 90 милијарди евра за Украина.

Тој ќе го добие својот проклет нафтовод. Приказната за Дружба не е веродостојна, но тој мора да претстави победа во својата кампања, изјави за Политико анонимен дипломат запознаен со дискусиите.

Протокот на нафта преку Дружба до Унгарија и до Словачка запре при крајот на јануари, откако нафтоводот на украинска територија наводно бил оштетен од руски напад. Будимпешта го обвини Киев дека намерно не го поправа нафтоводот, како казна поради унгарското противење на иницијативата на Брисел за брз прием на Украина во ЕУ. 

Киев ги отфрли обвинувањата, но пред само неколку дена изврши напад врз пумпна станица на Дружба во Татарстан, длабоко на руска територија, и предизвика уште поголема штета на нафтоводот. Орбан веднаш возврати со блокада на заемот на ЕУ од 90 милијарди евра за Киев и се закани дека нема да одобри каква било друга поддршка за Украина сè додека неговата земја не продолжи да добива руска нафта.

Брисел се воздржа од жестоко критикување на ветото од Орбан, стравувајќи дека нови политички напади може само да ја зајакнат кампањата на неговата партија Фидес спроти изборите на 12 април. Згора на тоа, на ЕУ ѝ се брза да ѝ го испорача на Украина ветениот заем, зашто Киев би можел да остане без пари веќе во април.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, предупреди дека има правна основа на Унгарија да ѝ биде одземено правото на глас во ЕУ, бидејќи Орбан го прекршил принципот за „искрена соработка“.
Изворите на Политико - четворица дипломати и еден висок европски функционер, го отфрлаат сценариото за правна битка. Тие тврдат дека притисокот е фокусиран на наговарање на Орбан да ја укине блокадата.

Нема време за правна опција. Мора да се оди на политичко решение, рекол еден од дипломатите.

Други истакнале дека поефикасен начин за надминување блокадата е да се објави „парче хартија“ за протокот на руска нафта преку Дружба, кое би му го спасило образот на Орбан пред изборите. Тие додаваат дека на сличен начин лидерите на ЕУ во октомври ја убедиле Братислава да го деблокира планот за постепено укинување на увозот на руски гас – со заедничка изјава дека руската енергија треба да продолжи да тече кон Словачка.

Како алтернативен план за заобиколување на ветото од Орбан, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас ја врати во игра идејата за користење на замрзнатите средства на Русија. За дипломатските извори на Политико, тоа прашање е затворено.

Кошта нагласи дека политичките договори постигнати на самитот мора да бидат почитувани од земјите-членки. Ние стоиме зад одлуката што беше донесена на 18 декември, изјави функционер на членка на ЕУ.

26 февруари 2026 - 14:15