Како Лисабон го ескивираше хаосот?

Повеќето заразени се по дома а не по болници каде што Италијанците се испозаразија, државата плаќа 66% од платата на сите кои имаат деца за гледање, еден од првите кои отидоа во самоизолација беше шефот на државата, истиот кој им порача на банките дека „тие му се должни на овој народ“. А ја имат и Фатима.

Постојат разни верзии за тоа зошто пандемијата во Португалија не е толку страшна како во соседна Шпанија. Една од оние кои е најтешко да се побијат гласи „Ние ја имаме Фатима, Шпанците немаат ништо слично“.

Се мисли на светото место лоцирано меѓу Лисабон и Коимбра за кое народот верува дека е место на кое Богорица им се има појавено на тројца овчарчиња во 1917 година, откривајќи им три тајни, меѓу кои и за обидот за убиство на папата Јован Павле Втори. 

Она што го гледаа во Шпанија, им помогна на Португалците да ја дочекаат кризата поподготвени од пиринејските комшии.  Рано во март, Марсело Ребело де Соуса беше првиот европски шеф на држава кој замина во доброволна самоизолација. Резултатите покажаа дека се работи за лажен аларм но тоа беше добра показна вежба и предупредување на јавноста.

Големите маркети и луѓето со време почнаа да се вежбаат на ред и ограничен број купувачи во единица време а како што доаѓаа сè поцрни слики од Милано, Барселона и Мадрид, во Лидл и другите места само се зголемуваше растојанието меѓу луѓето.

Во моментов Португалија има близу 16.000 заразени и 470 починати, што се релативно добри бројки за држава од 10 милиони луѓе. Иако не можат да се пофалат со робусен здравствен систем (имаат 6,4 кревети на интензивна нега наспроти 33,9 колку што има Германија), стапката на смртност е 2,7%. Во Шпанија таа е 9,8% а вкупниот број жртви е 40 пати поголем отколку во Португалија. 

87% од португалските жртви на коронавирусот се постари од 70 години а големото мнозинство позитивни кои имаат умерени симптоми остануваат дома, што е добра тактика со оглед на искуството од спротивниот, италијански случај.

Три четвртини од рестораните и хотелите во Лисабон се затворени, градот е прилично пуст и не личи на себе, поточно личи на себе, ама пред да биде зафатен од пандемискиот туризам - дуќаните со сувенири се затворени, ги нема ордите странци кои шпартаат и прават селфија по градот. А самите градски власти се важен играч во целата ситуација - Лисабон се откажа од сите приходи од рентање на својот имот и јавниот простор, ги продолжи слободните карти за јавниот транспорт, носи храна во шелтерите за бездомници.  

Државата покрива две третини од платите на оние кои мора да останат дома за да ги чуваат децата а де Соуса директно побара од банките да обезбедат поволни заеми за луѓето и малите бизниси. Потсетувајќи на кризата од пред пет години, тој им порача:

„Банките се тие кои ѝ се должни на оваа земја! Секој Португалец тогаш помогна да се сочуваат банките и да се избегне нивно пропаѓање.“

Можно е Португалија веќе во мај да ги отвори училиштата. Можеби на 13 мај, денот кога се обележува годишнина од појавувањето на Богородица во Фатима.

11 април 2020 - 22:04