Како Канада стана сиромашна како Алабама?

Канаѓаните со неверување ја примија веста дека нивната економија е приближно еднаква на онаа во Алабама. Како е можно земја што е членка на групата седум најразвиени земји да се споредува со една од најсиромашните американски сојузни држави? Накусо: поради бирократијата и колебливоста. За утеха, животот на северот сепак е поквалитетен.

Извештај на економисти од ММФ ја изедначи Канада и Алабама врз основа на БДП по жител. По прилагодувањето за девизниот курс и некои разлики во трошоците, просекот за десетте провинции на Канада, исто како и за Алабама, бил проценет на 55.000 американски долари. 

Алабама е дом на 5 милиони луѓе – приближно исто население со канадската провинција Алберта, но економијата ѝ е во подем. Стапката на невработеност во државата сега е само 2,7%, наспроти 6,5% во Канада. Свои погони во „државата на памукот“ имаат отворено гигантите Ербас, Нортроп-Груман и автомобилските производители Мерцедес-Бенц, Тојота и Хјундаи. 

До почетокот на 1980-тите, Алабама имала втора највисока стапка на невработеност во САД. Шила Чинкел, директорка за истражување во Федералната резервна банка на Атланта, утврдила дека компаниите се плашеле од релативно ниското образовно ниво на работната сила во Алабама, оддалеченоста од големите пазари во САД и лошата инфраструктура.

Спасител бил Мерцедес-Бенц, кој во обид да им конкурира на цените на јапонските брендови решил да отвори фабрика близу Бирмингем, Алабама. Поволните услови и субвенциите што ги нудела државата подоцна ги привлекле и Хонда, Хјундаи, Мазда и Тојота. Алабама сега произведува по 1,2 милиони возила годишно, речиси исто колку и Онтарио.

Компаниите добивале бенефиции уште пред да почнат да генерираат приходи, поради што Алабама морала да позајмува пари за да финансира нови субвенции. 

Не бевме добри управители на даночните обврзници, признава Грег Канфилд, поранешен секретар за трговија.

Под негова управа, државата ги заострила правилата и почнала да дава стимулации само откако компаниите ќе изградат објекти и ќе вработат луѓе, но го задржала системот за брзо издавање дозволи за изградба.

Квалитетот на животот, сепак не зависи само од индустриска моќ. Пристапот до квалитетно образование и здравство е голем проблем, особено во руралните области. Во регионот на Апалачките Планини, 26% од возрасните читаат под нивото на трето одделение. Според независно истражување за ефикасноста на здравствениот систем, Алабама на 42-ро место од 50-те американски држави. Очекуваниот животен век во државата е 74 години, четвртиот најнизок во САД, додека во Канада е 82 години, меѓу највисоките во светот.

И парите не се рамномерно распределени. Наспроти директните инвестиции од десетици милијарди долари во изминатата деценија, минималната плата во државата е само 7,25 долари на час. 

Канада сепак може да научи многу од југот. За бизнисите е важна брзината на пазарот. Компаниите што го ставаат капиталот во ризик сакаат да ги вратат доларите што е можно побрзо, вели Канфилд.

Еден од првите потези на канадскиот премиер Марк Карни лани беше да формира Канцеларија за големи проекти за поедноставување на бирократијата за проекти од национален интерес. Имаше низа извештаи како да се зајакне економијата: да се поттикне трговија меѓу провинциите, да се ангажира високообразовната сила во секторот за иновации и да се примат квалификувани мигранти. Канаѓаните ги имаат одговорите, а ништо навистина не се менува.

Одговор на овој проблем нуди извештај од 2007 година, нарачан од тогашната влада на Стивен Харпер.

Канаѓаните не сметаат дека се соочени со непосредна криза. Тие сигурно не сакаат земјата да заостане зад поагресивни конкуренти, но се чини дека немаат став што треба да направат за да го избегнат тоа, се наведува во заклучокот.

24 февруари 2026 - 16:22