Њујорк тајмс го објави најдеталниот извештај за развојот на настаните што го убедиле Доналд Трамп да му објави војна на Иран. Сведоштвата за состаноците во Ситуациската соба се извлечени од интервјуа со анонимни функционери во Белата куќа, кои во поширока верзија ќе бидат објавени во книгата „Промена на режимот: Во империјалното претседателство на Доналд Трамп“. Извештајот покажува дека ставовите на Трамп биле многу поблиски до оние на израелскиот премиер Нетанјаху отколку до своите најблиски соработници, кои се воздржувале да му противречат на својот шеф.
11 февруари, 17 дена пред нападот
Нетанјаху пристигнал во Белата куќа и бил примен во Собата за ситуации, во која исклучително ретко е дозволен пристап на лидер на странска земја. Трамп не седнал на вообичаеното место на чело, туку директно спроти Нетанјаху и голем екран на ѕидот, на кој се појавиле Давид Барнеа, директорот на Мосад и други високи израелски офицери.

Во собата биле и шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, државниот секретар и советник за национална безбедност Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет, шефот на Здружениот генералштаб, генералот Ден Кејн, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, и главните преговарачи со Иран – Стив Витоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Трамп. Составот бил мал, за да се спречи протекување информации. Другите министри не биле ни информирани за состанокот. Фалел само потпретседателот Џ. Д. Венс, кој бил во Азербејџан и не можел итно да се врати.
Едночасовната презентација на Нетанјаху и шефот на Мосад го трасирала патот кон најризичната војна на САД на Блискиот Исток. Нетанјаху тврдел дека Иран е „зрел за промена на режимот“ и дека заедничка американско-израелска воена операција би можела конечно да стави крај на Исламската Република.
Израелците тврделе: Програмата за балистички ракети на Иран би можела да биде уништена за неколку недели; Режимот би бил толку ослабен што не би можел да го задуши Ормускиот теснец; Веројатноста за иранска одмазднички напади врз американските интереси во соседните земји е „минимална“.
Мосад претставил разузнавачки информации дека повторно ќе почнат улични протести, кои, поттикнати од агенти на теренот и од бомбардирање, би создале услови за соборување на режимот. Израелските генерали тврделе дека милициите на иранските курди ќе нападнат од Ирак и ќе отворат копнен фронт, развлекувајќи ги владините сили и така ќе го забрзаат колапсот. Биле прикажани и ликови кои би можеле да ја преземат власта во Техеран кога ќе биде соборен режимот. Меѓу нив бил и Реза Пахлави, протераниот син на последниот шах на Иран, сега дисидент со седиште во Вашингтон.
Звучи добро за мене, рекол Трамп, јасно импресиониран.
За Нетанјаху тоа било доволно. Кога другите во собата го прашале израелскиот премиер за можните ризици, Нетанјаху ја истакнал својата поента: „Ризиците од неактивност се поголеми од ризиците од дејствување“. Рекол дека ако се одложи нападот, Иран ќе добие време да го забрза производството на ракети и да ја заштити подобро својата нуклеарна програма. Израелците истакнале дека Иран има капацитет да направи залихи од евтини ракети и беспилотни летала многу побрзо отколку што САД може да испорачаат скапи пресретнувачи за да ги заштитат своите бази.

12 февруари, 16 дена пред нападот
Американските разузнавачки служби ја претставиле својата анализа во Собата за ситуации на нов состанок, без Нетанјаху. Тие го поделиле планот на четири дела. Првата цел била ликвидација на ајатолахот. Втората била осакатување на капацитетот на Иран да проектира моќ и да им се заканува на своите соседи“. Третата била поттикнување народно востание во Иран и четвртата инсталирање секуларен лидер кој ќе управува со земјата.
Офицерите процениле дека првите две цели се остварливи со американското разузнавање и воена моќ. Третата и четвртата ги оцениле како „надвор од реалноста“. Директорот на ЦИА ги опишал сценаријата за промена на режимот како „фарса“.
Со други зборови, значи ова е ѓубре?, се уфрлил Рубио.
Ратклиф објаснил дека поради непревидливоста на настаните во кој било конфликт, промената на режимот е можна, но не треба да се разгледува како остварлива цел.
Генералот Кејн го известил Трамп и за проценките дека голема војна против Иран драстично ќе ги исцрпи залихите на американско оружје и предупредил дека Иран би можел да го блокира Ормускиот теснец.
Хегсет бил највоинствен. Рубио бил колеблив и повеќе сакал максимален притисок отколку војна, но не се обидел да му противречи на Трамп. Вајлс била загрижена, но не сакала гласно да се меша во воени прашања.
Венс, кој се вратил од Азербејџан, ја оценил војната како „претерано скапа“ и „огромно одвлекување на ресурсите“.
Промената на режимот ќе биде нивен проблем, заклучил Трамп, без да посочи дали мисли на Израелците или на Иранците. Но, се загреал за првите две цели – убиството на ајатолахот и уништувањето на воените капацитети на Иран.
Венс ги предупредил своите соработници дека војната на Трамп ќе предизвика регионален хаос и невиден број на жртви, дека ќе ја разбие политичката коалиција на претседателот и дека многумина ќе го сметаат за предавник, затоа што ветил дека нема да почнува војни. Спомнал дека иранскиот режим е спремен на се само за да опстане и дека по војната ќе се изгуби секоја шанса за мирољубив Техеран, а укажал и на најголемиот ризик: затворање на Ормускиот теснец.

26 февруари, 2 дена пред војната
Трамп веќе бил решен. Последниот подготвителен состанок во Ситуациската соба бил во тесен состав, без директорката на разузнавањето Тулси Габард и без министрите за финансии и за енергетика Скот Бесент и Крис Рајт, кои можеле да предупредат на најголемото пореметување во историјата на глобалната трговија со нафта. Трамп ги сослушал сите.
Претседателе, знаете дека јас мислам дека ова е лоша идеја, но ако сакате да го направите тоа, ве поддржувам, рекол Венс.
Вајлс рекла дека се согласува, ако Трамп смета дека војната е неопходна за да се заштити националната безбедност на САД.
Рубио рекол: „Ако целта е да се уништи иранската програма за проектили, тоа можеме да го оствариме“.
Некогаш ќе мораме да се погрижиме за Иранците, зошто не сега? Со силите што и имаат, не можат да издржат долго, рекол Хегсет.
Генералот Кејн не изразил свој став. Ако Трамп нареди операција, војската ќе ја изврши.
Ретклиф не кажал став, туку свежа разузнавачка информација дека иранското раководство на чело со ајатолахот ќе се сретне во Техеран и додал: „Ако сакаме да го убиеме врховниот лидер, веројатно можеме“.
Мислам дека треба да го направиме ова, рекол Трамп. Додал дека Иран не смее да има нуклеарно оружје и да ги ракетира Израел и земјите низ регионот.
Следниот ден на пладне, додека бил во Ер форс 1, претседателот ја дал наредбата:
Операцијата Епски гнев е одобрена. Нема прекини. Со среќа!“.
