Како што напишавме во статијата "Рамзан Кадиров, реален претседател", првиот чеченски инстаграмџија реши преку реално шоу да го избере "најдобриот помошник за најдобриот претседател".
Форматот горе -долу ист како трамповиот "Aprentice" само наградата малку различна. 16 финалисти биле одбрани од 1.000 апликанти и тие во 8 епизоди од серијалот се елиминирале меѓусебе, извршувајќи задачи од типот: да се преплива дива река, да се влезе во боксерски ринг или да се реши некој бизнис проблем.
Победник е 24 годишниот Филип Вариченко кој благодарејќи на покажаните квалитети во иднина ќе биде прв човек на Чеченија за стратешки развој.
Физичките задачи биле давани бидејќи Кадиров верува во "во здраво тело здрав дух". Колку му е духот здрав говори и тоа што пред некое време ги пушти своите малолетни синови во ММА борби (без ракавици и без никаква заштита) кои биле пренесувани на телевизија. Неговиот 10 годишен син Ахмад нокаутирал друго дете и станал шампион.
Против ваквата злоупотреба на малолетници во брутален спорт каков што е ММА, глас дигна и легендата на тој спорт, Федор Емелианенко. Бргу по неговата јавна осуда, 16 годишната ќерка на Федор беше нападната на враќање од училиште по што заврши во болница. Многумина се сомневаа дека се работи за порака од чеченската мафија.