Како дел од поддршката за жените, во септември Абе назначи 5 министерки во неговиот кабинет. До сега, 4 од нив се дел од скандали, а 2 веќе поднесоа оставка.
Новиот јапонски министер за трговија Јоичи Мијазава, доаѓа на позиција откако неговата претходничка Јуко Обучи поднесе оставка заради наводно нелегално трошење на нејзините политички фондови.
Мијазава инстантно стана дел од скандал по иста основа, откако се откри дека дел од своите политички фондови ги користи за покривање на трошоците за посета на еден садо-мазо бар во Хирошима. Технички трошоците не се спротивни на кој било јапонски закон за политичко финансирање, само се спротивни на генералното расположение и сфаќање на Јапонците.
На 23-ти октомври, Кјодо Њуз објави дека групата за политичка поддршка на Мијазава платила 169 долари во Мазан, секс-бар во Хирошима. Посетата била на 6-ти септември 2010-та. Барот нуди СМ програма во живо, во која можат да учествуваат и гостите. Персоналот дури и помага со мали совети. Мијазава изјави дека тој никогаш не бил таму бидејќи СМ не му е по мерак, и дека трошоците се од неговиот секретар, од кого подоцна побарал да ги надомести парите.
Тој е критикуван и дека како министер за трговија ги задржал своите акции во ТЕПКО (компанија за електрична енергија, одговорна за хаваријата во Фукушима) и покрај тоа што неговото министерство е задолжено за нејзина контрола и надзор.
Еден ден по Обучи, оставка си поднесе и министерката за правда Мидори Матсушима, заради наводно прекршување на изборните закони. Луѓето од нејзиниот штаб за време на кампањата на симпатизерите им делеле рачни вентилатори со нејзиниот лик, што е прекршување на забраната за "делење добра за придобивање гласови."
Пред овие две (Обучи и Матсушима), две други министерки беа откриени дека имаат врски со нео-нацистички групи, а се покажа дека полицискиот комесар на Јапонија е поврзан ксенофобната група Заитокукаи. Никој од овие се уште нема поднесено оставка.
Министерката за еманципација на жените и полова еднаквост, Харуко Аримура, изјави дека секогаш кога не е сигурна околу некоја национална политика, таа бара "совет од херојските духови во храмот Јасукуни." Иако зборувањето со духови е само по себе проблематично за ПиАр-от, поголемиот проблем со овој храм е што тука се закопани некои од најголемите воени криминалци во историјата на Јапонија. Една претходна посета на Шинзо Абе на овој храм предизвика гнев во Кина и Кореја.
Според Дејли Бист, едно од објаснувањата зошто одеднаш излегоа толку афери за министрите на Шинзо Абе, е што од 10-ти декември на сила стапува Законот за тајни, според кој владата може што сака да прогласи за државна тајна без надворешна супервизија или надзор.