Јордан е домаќин на околу 4.000 американски војници и служи како клучен центар за операциите низ Блискиот Исток, вклучувајќи ја и војната против Иран. Тоа на владата во Аман ѝ носи американска помош, која лани изнесуваше 1,65 милијарди долари.
Но, директната и особено индиректната штета од американската војна значително ја надминува таа сума. Туризмот, кој обезбедуваа 18% од националните приходи, веќе претрпе сериозни последици. Јорданците и пред војната се соочуваа со тешкотии поради слабата економија, високата стапка на невработеност и ограничените природни ресурси. Не можеа ни да се жалат поради строгата цензура од авторитарните власти.
Американското воено присуство го изложува Јордан на безбедносни, политички и економски ризици кои не служат на ниту еден национален интерес. Тоа ја зголемува веројатноста нашата земја да биде вовлечена во поширока регионална војна која не ја сакаме, пишуваат во отвореното писмо адресирано до владата, но наменето и за светската јавност.
Првиот потписник, 90-годишниот политички активист Суфјан ал Тел, изјави дека писмото треба да му покаже на светот дека Јорданците не се согласуваат со ставот на владата, особено не со продлабочувањето на врските со САД и со Израел.
Народот не прифаќа Јордан и неговите капацитети да бидат искористени за одбрана на Израел на еден или друг начин, вели Ал Тел, кој бил апсен поради јавно критикување на говор на кралот Абдула.
Вознемиреноста на Јорданците е видлива и во парламентот. Кога пратеникот Али Ал-Халајле на седница во понеделникот предложил пратениците да изразат сочувство до САД за смртта на нивните војници на јорданска територија, бил прекинат со извици и коментар дека американските сили убиваат деца, жени и стари лица.
Тешко е да се процени во која мера писмото го одразува расположението на јавноста бидејќи во Јордан не се спроведуваат анкети, а јавно изразување ставови се смета за голем ризик, изјави Дауд Кутаб, палестинско-американски новинар и колумнист од Аман.
Тој додава дека ниту еден јордански медиум не го објавил писмото, што е одраз на владините директиви да не се шири, но и на автоцензурата.