Јемен како поле за жетва на човекови органи

Јеменски функционери во амбасадата во Каиро и болници и доктори од Египет се дел од меѓународниот круг за шверц на човекови органи од Јемен преку кој минуваат стотици луѓе.

За разлика од Жолтата куќа и киднапираните Срби во Косово, тука станува збор за сиромашни Јеменци самите подготвени да отпатуваат за Египет и да продадат бубрег колку да извадат некоја пара.

Сето ова се случува во 2014, пред Јемен да биде зафатен од сегашната хуманитарна криза и безмилосно бомбардирање од коалицијата на Саудијците. Сумата до која доаѓа Ал Џезира е 5.000 долари за бубрег, плус платена повратна авионска карта.

Во еден од случаите што го пренесува Ал Џезира, Јеменец влегува во бизнисот и почнува да работи како врска меѓу локалците и нарачателите, откако тој лично го продава сопствениот бубрег. Друг Јеменец решен да го продаде сопствениот бубрег, не успева затоа што не бил компатибилен со ниту еден од нарачателите, па наместо тоа почнува да работи како „скаут“ во Јемен. За секој најден донатор, тој добива по илјада долари, по завршувањето на операцијата.

Цената што пациентот им ја плаќа на шверцерите со човекови органи е 50.000 долари за завршено пресадување бубрег.

До сега се потврдени нешто повеќе од 1.000 случаи на продажба на органи, но се верува дека вистинската бројка е некаде околу десетици илјади.

Со ваква обемна понуда, препродавачите постојано држеле широка мрежа на донатори кои во секој момент се подготвени да се откажат од својот бубрег доколку се најде компатибилен купувач.

Откако заинтересираниот ќе ја капариса нарачката, Јеменецот веднаш се префрла во болница во Египет каде инстантно му се вади бубрегот, и идентично брзо се враќа во Јемен без речиси воопшто време да заздрави.

Кога Ал Џезира контактира една од болниците споменувана како место на трансплантации и и' ги пренесува обвинувањата, од таму негираат дека направиле што било противзаконски. И точно дека не направиле, а целата заслуга за тоа паѓа на јеменската амбасада во Каиро.

Според египетскиот закон вадењето и пресадување бубрег е дозволено доколку пациентот и донаторот се Јеменци, со пасош заверен во амбасадата на земјата, и со дозвола од амбасадата за донација. Плус донаторите на писмено или пред камера треба да изјават дека донирањето е нивен избор.

Тарифата што функционерите во амбасадата ја наплаќаат за да ги оверат документите е 500 долари од пациент. Добавувачите од јеменска страна сведочат дека целата организација би била невозможна да не била соработката од јеменските функционери.

8 мај 2019 - 14:04