Израел тивко го стега обрачот околу Палестинците на Западниот Брег

Додека вниманието на светската јавност е насочено на војната во Иран, израелските сили ја користат војната за да го засилат притисокот врз Палестинците на Западниот Брег, кои немаат никакви врски ни со Хамас ни со Хезболах ни со Техеран. Ги изолираат во населбите, а еврејските доселеници добија повик да се вклучат во „превентивен напад на сите арени“.

Нешто повеќе од една недела откако САД и Израел ја започнаа заедничката војна против Иран, израелските доселеници го засилија насилството врз Палестинците на Западниот Брег, а израелските сили воведоа речиси целосно затворање на општинските центри.

Без предупредување или јасна логика, израелската војска ги затвори сите контролни пунктови околу Рамалах, со што практично воспостави целосна блокада врз градот. Целиот сообраќај е насочен кон единствениот пункт Шавеи Шомрон, каде што израелски војници ги претресуваат сите автомобили и ги легитимираат сите патници. Преку овој пункт поминува единствениот пат за Палестинците од Рамалах до другите палестински заедници.

На денот кога САД и Израел ги почнаа нападите врз Израел, Палестинците очекувале дека ќе бидат затворени главните патишта и  дека ќе биде прекинато доставувањето на храна и гориво, исто како при ланската Дванаесетдневна војна на Израел и САД против Иран. Разликата е што Израел сега не само што ги изолира Палестинците од Зоната Ц, туку и ги блокира патиштата меѓу палестинските села.  

Палестинците ова го опишуваат како „колективна казна“.

Тоа нема никаква врска со она што Палестинците на Западниот Брег го прават или не го прават. И сепак, животот запира поради израелска одлука, вели Авив Татарски, раководител на израелски колектив што ги одвраќа еврејските доселеници од инвазија врз селото Деир Истија близу Рамалах.

Жителите уште пред војната биле погодени од економска криза, бидејќи израелската цивилна администрација, која ја води воената окупација на територијата, воведува ограничувања за увоз. Невработеноста на Западниот Брег сега се движи околу 40%, во споредба со 13% пред две години, а локалниот БДП се намалил за 13%.

Јасно е дека војната со Иран се користи како изговор за систем кој има за цел да ја намали што е можно повеќе областа каде што Палестинците можат слободно да се движат. Тоа е дел од пошироката стратегија да биде променета фактичката состојба на теренот заради де факто анексијата, вели Дрор Еткес, основач на израелска невладина организација која ја следи изградбата на населби на Западниот Брег.

Во исто време, израелските доселеници ја искористија војната со Иран како можност за понатамошни напади врз палестинските заедници, главно во Зоната Ц, која опфаќа приближно 60% од територијата на Западниот Брег што е под целосна израелска цивилна и воена контрола. Милитантни групи ги повикуваат доселениците на насилство врз Палестинците кое треба да се поклопи со израелските напади врз Иран.

Време е за превентивен напад на сите арени, сè додека непријателот не биде избркан од земјата и покорен надвор од неа. Овој пат победуваме, еднаш засекогаш, пишувало на една текстуална порака на WhatsApp.

12 мај 2026 - 09:09