Пумпите имаат капацитет од илјадници кубици вода на час, а Израел уште минатиот месец за ова го известил САД. Американски функционери сега објаснуваат дека не биле свесни колку израелската влада била блиску до остварување на планот.
Иако пумпите се монтирани, за сега Израел нема донесено одлука дали ќе го спроведе планот или не. До сега Израелците имаат идентификувано 800 тунели, но признаваат дека мрежата е далеку поголема од тоа, а нивната вкупна должина се проценува на околу 500 километри.
Целата операција би траела повеќе недели, што би било доволно за сите припадници на Хамас во тунелите и заложниците кои е можно да се таму, да бидат евакуирани. За сега не е јасно ни дали Израел би почнал со планот пред сите заложници да бидат ослободени од Газа.
„Не знаеме колку ќе биде успешно пумпањето бидејќи никој нема детали за тунелите и земјата околу нив.
Невозможно е да се знае дали ќе биде ефикасно, бидејќи не знаеме како морската вода ќе понира во тунелите во кои никој не бил до сега,“ пренесува Вол стрит журнал изјава на лице запознаено со плановите.
Тунелите, неофицијално „подземната железница на Газа“, се користат од Хамас за движење на луѓе и стока. Дел од нив се пософистицирани, изградени од армиран бетон, плус струја и комуникации, и се доволно високи за просечен човек да може исправен да оди.
Освен успешноста на планот, не е познато ни како пумпањето вода ќе влијае врз подземните резерви на вода за пиење, канализационите води и пренесување на штетните и токсични материјали од тунелите во почвата.
Пресметките се дека ако се земе предвид дека една третина од тунелите се оштетени тогаш ќе треба околу 1 милион кубни метри вода за и останатите да се онеспособат.
Во 2015 Египет употреби слична стратегија за поплавување на тунелите под граничниот премин кај Рафа, кој беше користен од шверцери.