Израел имал контрола врз сè што шпионирала Полска

Полските служби го користеле израелскиот систем „Пегаз“ за да шпионираат политичари, новинари и адвокати, но немале целосна контрола врз софтверот. Израелскиот производител го задржал далечинскиот пристап до чувствителните податоци за полските граѓани кои биле следени. Информациите се чувале во сервери надвор од Полска. 

Нова истрага на Агенција за внатрешно разузнавање (ABW) откри дека полската антикорупциска агенција CBA немала дури ни лозинки за одредени администраторски профили  за системот „Пегаз“ за следење на мобилни телефони. Неколку компоненти на системот за надзор останале под контрола на израелскиот производител „НСО Груп“, кој задржал технички пристап до тајно собраните информации за полските граѓани.

Премиерот Доналд Туск ја обвини претходната влада на партијата Право и правда (PiS) дека ѝ овозможила на странска компанија да има пристап до чувствителни податоци за полските граѓани и за членовите на опозицијата. Седум поранешни функционери се соочуваат со обвиненија.

Ова веќе не е само скандал. Станува збор за злосторство против државата и тие ќе одговараат за тоа, порача Туск.

„Пегаз“ може незабележано да се инсталира на паметни телефони што користат Android или iOS. Операторите потоа може да пристапат до СМС-пораки, е-пораки, пораки од апликации за допишување, евиденција на повици, фотографии, документи и податоци за локацијата. Може да се читаат дури и постари пораки, под услов сè уште да се зачувани на уредот. Софтверот може тајно да ги активира микрофоните и камерите, да снима разговори во непосредна близина и да прави снимки од екранот.

Дека полските безбедносни служби го користеле „Пегаз“ и против политичките противници, беше познато уште пред новата истрага. Во јануари 2022 година, Амнести интернешнел потврди дека мобилниот телефон на опозицискиот политичар Кжиштоф Брејза бил цел на напад со „Пегаз“ за време на кампањата за парламентарните избори во 2019 година. Парламентарна комисијата сослуша 77 сведоци и поднесе 10 кривични пријави или извештаи за сомневање за незаконски дејствија против вкупно 11 лица. Меѓу нив се поранешни владини функционери и водечки личности од полските безбедносни служби. 

Новата истрага откри и друг безбедносен проблем: информациите собрани преку „Пегаз“ се пренесувале преку меѓународна мрежа од сервери. Некои од овие сервери се наоѓале надвор од Полска и со нив управувал производителот. Полските истражители идентификувале странски IP-адреси вклучени во процесот.

Одржувањето и ажурирањето на софтверот, исто така, се вршеле од далечина. Додека надзорот сè уште траел „NSO“ имала можност да го менува софтверот и неговата конфигурација.

Полските експерти не можеле да утврдат дали „NSO“ навистина ги прегледувала или копирала информациите од поединечните операции за надзор ниту дали доставила чувствителни податоци до израелските разузнавачки служби со кои вообичаено соработува.

13 октомври 2026 - 09:11