Во Јужен Либан:

Израел им се заканува на христијани да не кријат шиити

Во кампањата против Хезболах, Израел ги притиска христијаните и Друзите од јужен Либан да соработуваат во етничкото чистење на шиитите. Некои христијани прифаќаат за да не им бидат бомбардирани селата, други се плашат од одмазда кога војната ќе заврши. Некои пак, ги сметаат муслиманските борци за браќа, бидејќи им помогнале кога им било најтешко.

Откако пред еден месец повторно тргнаа во војна против Хезболах во јужен Либан, израелските одбранбени сили извршиле притисок врз локални лидери на заедниците на христијани и на Друзи во најмалку осум погранични села да ги протераат шиитските муслимани.

Општото предупредување до сите цивили е да се евакуираат на север од зоната 40-ина километри од израелската граница. Министерот за одбрана Израел Кац објави дека Израел планира да ја окупира либанската територија од границата до реката Литани - речиси 10% од северниот сосед. Кац додаде дека на Либанците што ги напуштиле своите домови од оваа зона ќе им биде забрането да се вратат „сè додека не биде гарантирана безбедноста на жителите на северниот дел од Израел“. На шиитите нема да им биде дозволено да се вратат.

Но, во исто време израелски офицери воспоставиле контакти со локални лидери и им порачале дека христијаните и Друзите може да останат во зоната за евакуација, со еден услов: ако ги истераат сите Либанци од соседните муслимански заедници кои побарале засолниште меѓу нив додека бомбардирањето ги срамнува со земја населбите со мнозинско шиитско население. Сите се согласиле, соочени со заканата дека нивните села ќе бидат цели за бомбардирање.

Кога почнала војната, Али Насер, 26-годишен шиит од пограничното село Аитарун, избегал со семејството во Рмеиш, град со мнозинско христијанско население, но во зоната за евакуација. Две недели подоцна, општинските лидери го информирале семејството дека веднаш треба да замине.

Израел сака да создаде нова тампон зона, без нас. Што можеме да направиме? Градот нè прими и нè угости, благодарни сме за тоа. Но, притисокот од Израел бил преголем, изјави Насер за Њујорк тајмс.

Израелската директива ги разгоре долгогодишните секташки тензии во Либан – фрагментирана политичка и социјална мешавина од шиитски и сунитски муслимани, христијани од различни деноминации и друзи, кои практикуваат ислам. Тие се бореа едни против други во крвава, 15-годишна граѓанска војна што заврши во 1990 година.

Кога по војната Израел навлезе во јужен Либан и го окупираше до 2000 година, одржуваше врски со маронитски христијани додека се бореше против палестинските милитанти и против шиитската група Хезболах. Ова ги продлабочи секташките тензии. Многумина стравуваат дека тоа ќе се случи повторно при нова израелска окупација на јужен Либан.

Кога во 2024 година повторно избувна војна помеѓу Израел и Хезболах, дваесетина шиитски семејства од бомбардирани села се засолниле во Кавкаба, меѓу христијани отворени да ги примат. Но, кога почна последната војна во март гостопримство исчезна. Општински челници им забранија на сите новораселени шиитски муслимани да изнајмуваат домови, стравувајќи дека можеби имаат врска со Хезболах. 

Ги посетив семејствата едно по едно и им реков да се подготват. Ако добиеме предупредување, ќе мора да се преселат, вели Мира Кури, заменичка на градоначалникот.

Во Марџајун, град со мнозинско христијанско население, домаќините добивале закани откако им откажале гостопримство на шиитските бегалци.

Некои велеа: Сега заминуваме, но ќе видите што ќе се случи по војната. Ќе се справиме со вас... Ваквите закани натераа некои христијани да ја поддржат можноста за израелска окупација кога ќе заврши војната, гледајќи ја како бедем од одмазда, вели сестрата Стефани Хадад од манастир во блискиот град Хасбаја.

Израелските одбранбени сили неодамна соопштија дека откриле тунел на Хезболах полн со оружје во близина на црква во јужен Либан.

Од основањето на терористичката организација Хезболах, таа систематски работи на експлоатација на христијанското население во Либан и претворање на нивните области во бојни арени против Израел, изјави портпарол на ИДФ.

Но, околу 6.000 католици од Рас Баалбек отворено соработуваат со Хезболах, чии борци им помогнале да го заштитат културното и верско наследство и двете византиски цркви од нападите на сунитската џихадистичка група Исламска држава (ИСИС). Хезболах секоја година купува божиќна елка. 

Како можеме ние како христијани да не бидеме со Хезболах? Тие ги штитат нашите цркви. Тие ни помогнаа да се бориме против ИСИС. За време на пандемијата ни обезбедија бесплатна заштита во нивните болници. Кога немаше струја ни дадоа генератори. Како можеме да не бидеме со нив сега?, вели каменорезецот Рифат Насралах.

Тој категорично тврди дека врската со Хезболах не ги загрозува христијаните во Рас Баалбек.

Односот со Хезболах е посилен отколку со папата. Ватикан не направи ништо за нас кога ИСИС нè нападна, но Хезболах ја пролеа својата крв за да нè заштити. Папата има само молитви... Израел е нашиот прв непријател... Хезболах е наш пријател, додава Насралах.

6 април 2026 - 16:00