Изгледа ништо од тоа „Нотр Дам готов за 5 години“

Најнов меѓу „неверниците“ околу временската рамка за реновирање на катедралата е францускиот министер за култура.

Рокот од 5 години го даде лично Макрон, но во негова одбрана треба да се каже дека тоа беше направено во време кога сите се наддаваа кој повеќе ќе вети околу тазе опожарената катедрала.

Министерот за култура во интервју објасни дека се случиле одредени компликации за време на итните поправки на Нотр Дам и сега целта повеќе им е катедралата да ја отворат за јавност во рок од пет години, меѓутоа реставрацијата да продолжи и по отворањето.

„Сега најважен е квалитетот на реставрацијата и на проектот. Тоа мора да биде завршено во разумно време.

Ние не сме фокусирани на временска рамка. Нашата цел е 5 години, ама никој не одбројува. Претседателот никогаш не ме прашува кога ќе се почне со работа. Нема притисок врз мене и нема опсесивност,“ изјавил министерот за култура на Франција.

Уште на денот на пожарот експертите предвидуваа дека ќе бидат потребни децении за комплетирање на работите, за еден ден подоцна Макрон да излезе на телевизија и да вети дека сè ќе биде готово за 5 години.

Пред министерот, и архитектот кој раководи со реставрацијата почна со претпазливи изјави објаснувајќи дека за 5 години ќе можат да го изградат кровот и сводовите, по што ќе може да се отвори црквата за јавност, „ама не нешто повеќе од тоа“.

За следната година се очекува да се заврши стабилизирањето на ѕидовите, отстранување на стопеното скеле кое беше поставено пред пожарот и поставување привремен кров кој ќе го заштити објектот.

25 септември 2019 - 14:15