Италија планира туристичка сезона со „плексиглас кафези“

Дури и откако ќе заврши карантинот и ќе се даде дозвола за глобално продолжување на животот, тоа продолжување нема да биде од истото место на кое застана во февруари / март, туку ќе биде со сериозни измени и комплетно нови навики. Предвидувањето на Италијанците е дека една од новите навики ќе биде одење на плажа во плексиглас кафези.

Станува збор буквално за џиновска кутија од плексиглас која ќе собира по неколку луѓе и со која ќе бидат оградени идните туристи, за да не мора да му ја мислат за заразување од ковид-19.

Кутиите се замислени од фирма од Модена и ќе бидат со димензии 4,5 х 4,5 х 2 метра. Кутиите ќе бидат без капак.

Веста ја пренесува Ла Република, а италијанските медиуми предлогот веќе го нарекуваат „кокошарник“. Додека новинарите фаќаат сеир, италијанските сопственици на хотели идејата ја нарекуваат апсурдна, а здружението на спасувачи на плажа потсетија дека сред лето, на стандардни италијански горештини, луѓето во кокошарниците може нема да умрат од коронавирус, ама поверојатно е дека ќе умрат од дехидрација.

16 април 2020 - 20:54