Иран за ураниумот: Никој нема да ни кажува што треба да имаме

Преговорите меѓу Америка и Иран не се заокружија заради прашањето за ураниумот. ЏејДи Венс рече дека тие ги кажале своите црвени линии но Иран останал на свое. Од другата страна на масата беше Абас Арагчи, една од клучните фигури во преговорите околу иранската нуклеарна програма веќе 20-тина години. Шеф е на дипломатијата, има докторирано политички науки на Универзитетот Кент во Велика Британија. Ова е неговиот одговор:  

„Зошто толку инсистиравме - и продолжуваме да инсистираме - на прашањето за збогатување на ураниумот? Зошто не сме спремни да се откажеме од тоа, дури и кога ни се наметне војна?

Бидејќи никој нема право да ни каже што треба или не треба да поседуваме. Ова се заснова на принципот на отфрлање на доминацијата (правно-политичкиот концепт нефи-и султе).

Збогатувањето е мое право според законите, и дали ќе го искористам тоа право или не, ме засега само мене. Наративот што ни се раскажува со години и сè уште продолжува e:
- Немате право да збогатувате; збогатувањето мора да биде нула...
- Зошто?
- Затоа што ние сме загрижени, велат тие.

Ако сте загрижени, подготвени сме да се справиме со тие загрижености. Дали има прашања? Ќе одговориме на нив. Дали недостасува доверба? Ќе градиме доверба. Но, никој нема право да ни каже: „Не можете да го имате ова затоа не сакам да го имате“.

Ова е тајната на опстанокот на нашето движење: ние инсистираме на нашите сопствени права. Збогатувањето е важно, но уште поважно е да се докаже дека Исламската Република Иран не прима наредби од никого и не се потчинува на никаква доминација.

Доколку има какви било прашања или неизвесности во врска со целите на мирната нуклеарна програма на Иран, ние сме подготвени да дадеме одговори и да ја растераме таа неизвесност. Патот до тоа е исклучиво преку дипломатија. Тие пробаа други патишта и не стигнаа никаде.

Преговорите ќе дадат резултат само кога правата на иранскиот народ ќе бидат признати, почитувани и кога ќе можеме да го оствариме нашето право. Не чекаме никој да го признае нашето право; нашето право е веќе легитимно само по себе, нашето право постои. Она што го сакаме е нашето право да биде почитувано.“

 

13 април 2026 - 10:12