Инцест, колку тоа француски звучи

Француската јавност се шокираше кога дозна дека „проминентен член на париската интелектуална елита“ сексуално го злоупотребувал своето тогаш 14-годишно посинето дете, па потоа се дошокира кога на социјалните медиуми се појавија стотици слични сведоштва под хаштагот #metooinceste.

„Проминентниот“ е Оливие Дуамел, универзитетски професор, член на Социјалистичката партија под чие лого влегува во Европскиот парламент, и до денот на објавување на скандалот претседател на Националната фондација за политички науки, една од највисоките француски универзитетски институции.

За него се дознава по објавувањето на книгата од страна на неговата посвоена ќерка, адвокатката Камил Кушнер, која тврди дека нејзиниот брат близнак бил сексуално малтретиран како дете од нивниот очув.

По ова следува бранот сведоштва во кој илјадници луѓе раскажуваат за сопствените страдања од типот „имав 6 години, беше постариот брат, моите родители не ми веруваа“ или „беше вујко ми и ми носеше чоколади“.

Како резултат Сенатот на земјата изгласа закон кој на малолетниците под 13 години им дава дополнителна заштита од сексуален напад, вклучувајќи и зголемени казни за случаите на инцест.

Според истражување на Ипсос од ноември минатата година секој десетти жител на Франција доживеал инцест. Истата студија покажува дека над три-четвртини од жртвите се жени а 98% од напаѓачите се мажи.

Иако во Франција со закон е забранет секс со малолетни лица, инцестот не е конкретно забранет со француски закони. Правните експерти на темата објаснуваат и дека најголемиот дел од жртвите кои ќе поднесат тужба за инцест се разубедени да ја сменат основата од силување во сексуален напад, што е помало дело според тамошните закони.

Минатиот месец во Франција беше основана комисија за истражување на прашањата околу инцест и сексуална злоупотреба на децата. Месецов, раководителката на комисијата си поднесе оставка заради пријателството со Дуамел.

25 јануари 2021 - 14:07