Минатиот месец алжирскиот амбасадор во Либија соопшти дека ќерката на Гадафи ја има напуштено неговата земја. Сега медиумите дознаваат дека таа била избркана откако властите го изгубиле своето трпение околу испадите на 37-годишната Ајша Гадафи, која во напади на гнев и нервоза заради судбината на својот татко, подметнувала пожари во куќата во која што била сместена, го уништувала ентериерот и ги напаѓала стражарите.
"Таа на крај го обвини Алжир за проблемите што ги има. Исто така почна да ја пали куќата. Полиците во библиотеката изгореа во еден од пожарите, а таа редовно ги напаѓаше припадниците на армијата кои се грижеа за нејзината безбедност. Последна капка беше, што го уништи портретот на алжирскиот претседател Абдулазис Бутефлика," пишуваат локалните алжирски весници.
Во целата битка за Либија, Ајша Гадафи успеа прилично брзо да најде безбедно засолниште во Алжир, каде што заедно со други членови на семејството беше сместена во една од претседателските палати на југот од земјата.
Таа сега најверојатно се наоѓа во Оман, каде што од октомври 2012-та е и нејзината мајка, втората сопруга на Гадафи, Сафија, и двајцата браќа Мухамед и Ханибал. Семејството Гадафи беше примено во Оман, по "хуманитарна основа" и таму живее на сметка на државата.
Ајша во 2006-та се омажи за својот роднина (од страна на татко и), Ахмед ал Гадафи ал Куаси, со кого имаше 4 деца. Тој, заедно со две од децата загина во 2011-та за време на бомбардирање на француската авијација.