И САД и Иран го слават примирјето како победа

САД и Иран договорија двонеделен прекин на огнот за да преговараат за крај на војната. Основа за преговорите во Пакистан ќе биде план од 10 точки предложен од Техеран. Белата куќа го претстави примирјето како победа, а и Иранците прославуваат на улиците. Израел се согласил со прекинот на војната со Иран, но го задржува правото да го бомбардира Либан.

Само неколку часа откако Доналд Трамп се закани дека „ќе умре цела цивилизација“, тој објави дека САД и Иран се согласиле на двонеделен прекин на огнот и дека в петок ќе почнат преговори за мировен договор. Додека се преговора во Пакистан ќе запрат сите американски и израелски напади врз Иран, Техеран нема да ги ракетира Израел и заливските земји, а Ормускиот проток делумно ќе биде отворен за сообраќај на бродови.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, потврди дека дека Техеран ќе се придржува до примирјето и ќе овозможи безбедно минување на танкери и товарни бродови низ Ормускиот проток, во координација со иранските оружени сили.

Веста за примирјето ја спушти цената на нафтата за повеќе од 17% и ги зајакна индексите на берзите во Токио и Сеул.

Основа на преговорите ќе биде иранскиот мировен план од десет точки, кој Трамп го оцени како „функционален“.

Веќе ги исполнивме и надминавме сите воени цели, а многу сме далеку со конечен договор за долгорочен мир со Иран и мир на Блискиот Исток. Добивме предлог од 10 точки од Иран и веруваме дека тоа е функционална основа врз која ќе се преговара. Речиси сите различни точки од минатото се договорени меѓу САД и Иран, но период од две недели ќе овозможи Договорот да се финализира. Во име на САД како претседател, а исто така и како претставник на земјите од Блискиот Исток, чест ми е што овој долгорочен проблем е блиску до решавање, оцени Трамп.

Врховниот совет за национална безбедност на Иран објави неофицијално резиме од мировниот план со десет точки, кои вклучуваат:

  • Да се отвори Ормускиот теснец во координација на вооружените сили на Иран;
  • Да заврши војната против сите компоненти на „Оската на отпорот“ на Иран (Хезболах и други групи);
  • Американските сили да се повлечат од сите бази и позиции во регионот;
  • Да се воспостави „протокол за безбеден транзит“ во Ормускиот теснец, на начин што ќе ја гарантира доминацијата на Иран;
  • Целосна исплата на компензација на Иран преку создавање инвестициски и финансиски фонд;
  • Укинување на сите примарни и секундарни санкции, како и на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и на Меѓународната агенција за атомска енергија;
  • Дозвола за Иран да преговара за билатерални и мултилатерални мировни договори со земјите од регионот
  • Ослободување на сите замрзнати ирански средства и имоти во странство;
  • Проширување на политиката на неагресија кон сите групи на отпор во регионот; и
  • Ратификација на сите овие прашања во обврзувачка резолуција на Советот за безбедност.

Во верзијата на персиски јазик, објавена од агенцијата ФАРС, но не и во таа на англиски јазик, има и точка што на Иран му дава право да збогатува нуклеарен материјал до ниво што ќе биде договорено со САД. Разговорите треба да почнат во петок во Исламабад. 

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, го пофали прекинот на огнот како „победа за САД, која ја овозможиле Трамп и американската војска“.

Од самиот почеток Трамп процени дека војната ќе трае четири до шест недели, а за 38 дена, САД ги постигнаа и ги надминаа основните воени цели. Успехот на нашата војска создаде максимална моќ, дозволувајќи им на претседателот Трамп и тимот да се вклучат во тешки преговори кои сега создадоа можност за дипломатско решение и долгорочен мир, напиша Ливит.

И Советот за национална безбедност на Иран прогласи победа, бидејќи биле остварени „скоро сите цели на војната“.

Прифативме двонеделен прекин на огнот и разговори во Исламабад за да може победата на бојното поле да се потврди преку политички преговори, објави Техеран.

Репортерот на Ал џазира јавува дека уште во ноќта, по објавувањето на веста за прекинот на огнот, луѓе почнале да прославуваат низ улиците.

Техеран е речиси празен. Повеќе од половина од населението е надвор од градот. Сега можеби повеќе луѓе ќе дојдат да ги проверат своите домови, ќе има повеќе живот на улиците во следните денови. Ова е нешто со што сите во Иран се задоволни, а исто така, постои и чувство на гордост меѓу лидерите. Како што им ветија на своите луѓе, оваа војна завршува според условите на Иран. Така барем велат, јави Ал џазира.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази поддршка за примирјето со Иран и најави дека ќе ги почитува долгорочните обврски од евентуалниот мировен договор, но предупреди дека прекинот на огнот не важи за израелските операции против Хезболах во јужен Либан.

Израел ги поддржува напорите на САД да се осигура дека Иран повеќе нема да претставува нуклеарна, ракетна и терористичка закана. САД се посветени на постигнување на овие цели на претстојните преговори, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Трамп додаде дека во периодот на прекин на огнот САД ќе помогнат за обновување на бродскиот сообраќај низ Ормускиот проток.

Ќе се полниме со залихи од сите видови. Само ќе почекаме за да се осигуриме дека сè ќе оди добро... Ќе се заработат големи пари и Иран ќе може да почне процес на реконструкција... Ова би можело да биде Златното доба на Блискиот Исток!!!, порача Трамп на социјалните мрежи.

Регионален функционер вклучен во разговорите изјави за Асошетед прес дека според договорот за прекин на огнот, на Иран и на Оман ќе им биде дозволено да наплаќаат такси за бродовите што транзитираат низ Ормускиот теснец.

8 април 2026 - 07:43