Хашки судења за Американците во Авганистан?

Под сомневање дека САД извршиле воени злосторства (силување, тортура и суров третман на затвореници) за време на инвазијата на Авганистан, во Хаг се разгледува можноста за покренување обвинение против американските вооружени сили и ЦИА.

Главната обвинителка Фату Бенсуда изјавила дека првичната истрага на Меѓународниот кривичен суд покажува дека "постои разумна основа да се верува дека во текот на испрашување на овие затвореници, припадниците на американските вооружени сили и ЦИА прибегнале кон техники кои претставуваат извршување на воени злосторства како тортура, суров третман, нарушување на личниот дигнитет и силување".

Бенсуда заклучува дека најголемиот дел од злоупотребата се случила во 2003 и 2004, а со помал интензитет продолжила и во следните години. Таа истакнува дека сето ова биле "одобрени техники за испрашување" кои намерно биле искористени во обид да се добијат корисни податоци од затворениците.

Според извештајот, војниците на американската армија измачувале најмалку 61 затвореник, а претставниците на ЦИА дополнителни 27. Се на се имало 25 најчести методи на малтретирање, кои биле спроведени преку 140 мерки.

Ставот на американска армија е дека тие веќе имаат спроведено истрага на над 200 пријавени случаи на измачување затвореници, што довело до дисциплински казни за "стотици војници."

Доколку врз основа на извештајот на Бенсуда се поднесат официјални обвиненија, Вашингтон може да одговара за извршување на неколку воени злосторства според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд. Олеснителна околност за Американците е што никогаш го немаат ратификувано овој статут.

15 ноември 2016 - 13:01