Во случајов станува збор за буџетот на природни ресурси со кои располага планетава, и она што требаше да ни трае до 31-ви декември, ние го спискавме до 29-ти јули. Бројката се одредува според тоа колку ресурси смееме да потрошиме за една година, а планетава да може да го обнови до почетокот на следната.
За моменталната стапка на потрошувачка ќе ни биде потребен капацитет на 1,75 планети за да се обнови тоа што луѓето ќе го потрошат до крајот на годината.
Што значи тоа што веќе сме го потрошиле нашето за годинава? Во пракса значи: уништување на шумите, ерозија на почва, губење биодиверзитет, таложење јаглерод-двооксид во атмосферата, а сето ова заедно подоцна доведува до климатски промени и зачестување на екстремните метеоролошки настани.
Во 1991 денот кога го имаме потрошено нашето е некаде кон средината на октомври, во 2001 тоа е последна третина од септември, за неполни две децении подоцна да дојдеме до крајот на јули.
Бидејќи продолжувањето во овој правец ќе доведе до ќорсокак за човештвото, луѓето што го пресметуваат денот, сега работат на кампања на враќање назад на календарот и зголемување на периодот на искористување на ресурсите за 5 дена годишно со цел човештвото до 2050 да стане компатибилно со една планета.