Снимката од тајната новинарска операција е објавена само неколку часа пред годишната конференција на партијата на Фараж. Реформ УК веќе е пријавена во лондонската Метрополитен полиција и во Изборната комисија поради „прифаќање и прикривање донација од недозволен донатор“. Полицијата ги потврди пријавите, но сè уште не почнала истрага.
На снимката емитувана на Channel 4 News, се прикажани членови на партијата Реформ УК како разговараат за донации од новинар на Verbatim Investigations, кој се претставил како син на американски финансиер“. Според британските закони, донациите од странски инвеститори се незаконски.

Ден Џукс, партиски портпарол и висок соработник на Фараж, предложил начин да се заобиколи изборниот закон за да се обезбеди странска донација од 500.000 фунти. На новинарот, кој се претставувал како син на донаторот му предложил да отвори компанија и да се регистрира како гласач во Британија, за да може преку него парите легално да бидат префрлени на сметка на партијата.
Тоа е еден од начините на кои го правиме тоа, додава Џук.
Материјалот содржи и разговор на „синот“ со Фараж, на кој лидерот на реформистите се заблагодарил за поддршката.
Сè е сосема легално и транспарентно, рекол Фараж.
Материјалот содржи и разговор со Џејмс Ор, шеф за политички прашања на реформистите, кој му предложил на лажниот инвеститор да плати трошоците од 18.000 фунти за анкета на јавно мислење, со цел да се помогне во кампањата на партијата. Партијата нарачала три анкети во вредност од 32.500 фунти, при што јавноста не била информирана за тоа кој ги нарачал или финансирал. Прикривањето и прифаќањето на вакво финансирање би било прекршување на законот.

Тајното снимање било спроведено од новинар од групата Verbatim Investigations, основана од Центарот за известување за климатските промени. Телевизијата Channel 4 News го објави материјалот откако ја потврдила неговата автентичност.
Реформ УК ги негира сите обвинувања за прекршување на изборните правила и тврди дека е жртва на „измама оркестрирана од активисти за климатски промени, финансирани од странство“. Сепак, почна внатрешна истрага и чистка во редовите.
Двете вклучени лица – ги нема веќе. Ја напуштија зградата. Тоа е исправната постапка. А, Најџел не оди никаде. Уверен сум дека воопшто не сме прекршиле никакви закони, изјави претседателот на партијата, Ли Андерсон.

Против Фараж сè уште се води посебна истрага од страна на парламентарното тело за етички стандарди во врска со донација од 5 милиони фунти од крипто-милијардерот Кристофер Харборн. Фараж тврди дека тоа било подарок наменет за покривање на трошоците за неговото лично обезбедување и дека не требало да се пријави бидејќи бил примен пред тој да биде избран за пратеник.
Фараж постојано ги отфрла сите наводи за неправилности. Сепак, доброволно се откажа од пратеничкото место во Клактон и повторно се кандидираше за да се врати „чист“ во парламентот.