Германците најмногу се плашат од сопствената влада

Помина времето кога Германците беа загрижени од климатските промени или од ризикот од војна. Главниот страв сега им e дали ќе останат без пари, состојбата на економијата и особено нефункционалноста на државата, покажува новото годишно истражување German Angst. Друга анкета покажа дека рејтингот на одобрување на канцеларот Мерц паднал на рекордно ниски 10%.

Само 10% од гласачите опфатени со новата анкета на  ARD-Deutschlandtrend изјавиле дека се делумно или целосно задоволни од политичките резултати на канцеларот Фридрих Мерц, а дури 89% се незадоволни. На почетокот на септември позитивна оценка на конзервативниот канцелар му дале 13%.

Во однос на партиите, највисок рејтинг на одобрување (27%) има десничарската Алтернатива за Германија, пред конзервативната ЦДУ (20%) и социјалдемократите (13%). Една половина од испитаниците изразиле загриженост од пад на животниот стандард.

Овие резултати се поклопуваат со многу поопширното истражување на осигурителната компанија „R+V“, која уште од 1992 година ја спроведува анкетата German Angst. Бележењето на најголемиот страв на Германците дава јасна слика за проблемите во општеството и треба да служи како патоказ за политиките на владата, но катастрофалниот рејтинг на канцеларот укажува дека неговиот кабинет ги помешал приоритетите.

Повеќе од половина од Германците им дадоа оценки „задоволително, незадоволително и недоволно“ и на актуелната влада и на опозицијата. Просечната оценка од  4,1 (повисоката вредност значи полошо) е најслаба од 2018 година, кога канцеларка беше Ангела Меркел. Покрај тоа, ниту еден канцелар досега не бил оценет толку лошо како Фридрих Мерц.

Губењето на довербата е поради контрастот помеѓу политичките најави и реалните резултати, оцени политиколог Изабел Боруцки.

Најголемиот страв на Германците, присутен кај дури 59%, е дека нема да имаат доволно пари за да ги покријат основните трошоци за живот - за енергија, домување и храна. Тоа е зголемување за 7% во однос на 2025 година. На второто место е уште една финансиска грижа: 53% се плашат од зголемување на даноците или намалување на социјалните бенефиции. Следува загриженоста од мигрантите, од аспект дека нивниот број ја преоптоварува државата (52%).  Нешто помал процент (47%) стравуваат од тензии со имигрантите.

Во некои категории забележани се и подобрувања во споредба со лани. Само 20% од Германците се плашат дека ќе останат без работа, што е најнизок процент по 1992 година и е на претпоследното место. Стравот од криминал е на последното, со 19%.

3 октомври 2026 - 09:40