Планот е Франција да назначи специјален пратеник кој треба ставовите на Макрон да им ги објасни на лидерите на муслиманските држави надевајќи се дека тоа ќе ги смири и нив и нивните сограѓани.
Изјавите на Макрон само ќе го продлабочат конфликтот на Франција со Турција, кој за волја на вистината не започна заради навреденост од зборовите на Макрон, туку заради несогласување околу Либија и тоа што Франција се противи на турските нафтени платформи во источниот Медитеран.
Во обид малку да се стиши гневот на делот од светов кој е прилично продуктивен во изразување гнев, Макрон имаше интервју и на Ал Џезира, а лично зборуваше на телефон и со палестинскиот лидер Махмуд Абас „за да го осигура дека ќе се прави разлика меѓу тероризмот и екстремизмот од една, и Исламот и исламското размислување од друга страна.“
Иако јуришот против Макрон го предводи Турција, изјавата на претседателот Макрон во која се брани правото на Шарли Ебдо да објави карикатури на Мухамед, беше осудена од Катар и Пакистан, во Бангладеш доведе до протести на над 50.000 муслимани, беше осудена од саудиското министерство за надворешни работи, а малезискиот премиер на Твитер напиша „Муслиманите имаат право да бидат гневни и да убијат милиони Французи заради масакрите од минатото,“ плус на сето ова во неколку муслимански држави започна бојкот на француски производи.