Иницијативата доби на динамика откако ѝ се приклучи Германија, најголемата европска економија, која досега се спротивставуваше на повиците за поголем европски суверенитет во одбраната и настојуваше да ја задржи Америка како врвен гарант на европската безбедност.
Анонимни учесници на неформалните разговори изјавиле за Волстрит журнал дека новата одбранбена иницијатива на некој начин се поклопува со барањето од Вашингтон да се вклучат повеќе Европејци на командните и контролните позиции во Алијансата и да се вложат повеќе воени средства. Разликата е во тоа што европските земји сега преземаат чекори по сопствена иницијатива поради зголемените тензии со Трамп, а не како резултат на неговите барања.
Товарот се префрла од САД кон Европа е тоа ќе продолжи како дел од американската стратегија за одбрана и национална безбедност. Најважно е да се разбере дека тоа се случува, а исто така да се направи на многу управуван и контролиран начин, наместо САД ненадејно да се повлечат, изјави неодамна финскиот претседател Александер Стуб.
Трамп од март повторно почна да се заканува дека САД ќе го напуштат НАТО, бидејќи сојузниците се „кукавици“ и не ја поддржале војната што тој му ја објави на Иран. Тој повторно го нарече НАТО „тигар од хартија“, додавајќи дека „И Путин го знае тоа“.

САД не можат да се повлечат од НАТО без одобрение од Конгресот, но претседателот како врховен командант има моќ да премести војници, средства и бази надвор од Европа или да ја запре воената поддршка.
При вакво сценарио, Европа се соочува со многу предизвици за да го достигне капацитетот за самостојна одбрана. Еден од клучните елементи од планот во развој е враќањето на задолжителната воена обврска, која беше напуштена откако заврши Студената војна.
Европските земји мораат да го прошират и производството на виталното оружје и опремата во која доминира американската технологија, особено за антиподморничкото војување, вселенските и извидувачките капацитети, полнењето гориво во лет и воздушната мобилност. Пример во таа насока е договорот на Германија и Британија за заеднички развој на крстосувачки и хиперсонични проектили.
Особено длабоки празнини има во системите за разузнавање и извидување, како и во капацитетите за нуклеарно одвраќање.
Европски функционери признаваат дека никакво прераспределување на трупите не можат да ги замени американските системи за сателитско откривање и следење непријателски проектили, кои се 'рбетот на кредибилитетот на НАТО.
Тоа го зголемува притисокот врз Франција и Британија, единствените нуклеарни сили во Европа, да ги прошират капацитетите на своите нуклеарни чадори врз целиот континент.